Колку побрзо се приспособиме на укажувањата што ќе бидат забележани во скрининг-процесот на македонското законодавство во областа на економијата, толку побрзо земјата ќе се трансформира и ќе се подготви за членството во Унијата, беше кажано на трибината
ТРИБИНА ЗА ПРЕДИЗВИЦИТЕ НА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА НА ЕВРОПСКИОТ ПАТ
Вчера беше одржана трибина за предизвиците на македонската економија на европскиот пат, на која беа искажани повеќе различни ставови како да се подобрат состојбите во економијата. Колку побрзо се приспособиме на укажувањата што ќе бидат забележани во скрининг-процесот на македонското законодавство во областа на економијата, толку побрзо земјата ќе се трансформира и ќе се подготви за членството во Унијата.
Секоја забелешка и препорака од бизнис-заедницата треба да биде насока на Владата за планирање на следната реформска активност, што ќе придонесе за отворање на секој нареден кластер во преговорите за зачленување на Македонија во Европската Унија. Годишниот извештај на Европската комисија за 2022 година ќе биде основа за компарација како било пред почетокот на преговорите, а како потоа, беше кажано на вчерашната панел-дискусија за кластерите 2 и 3, „Внатрешен пазар“ и „Конкурентност и инклузивен раст“, во рамките на серијалот „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности“.
– Она на кое треба да се фокусираме сега е спроведување на реформската агенда, брзо напредување во процесот и граѓаните да почнат да ги чувствуваат придобивките од преговорите со ЕУ. Оттука и мојата заложба и барање секој да биде вклучен во преговорите, кои се национална задача за сите нас. Јавно да се дискутира, заеднички да се дејствува, за побрзо се надминат сите предности и слабости забележани во извештајот – изјави Бојан Маричиќ, вицепремиерот за европски прашања.
На панел-дискусијата беше наведено дека во државата има капацитет и политичка волја да се спроведат неопходните реформи. Во однос на дискусијата за кластер 2, „Внатрешен пазар“, и за кластер 3, „Конкурентност и инклузивен раст“, беше посочено дека поглавјата од овие кластери имаат директно влијание врз животот на граѓаните, бидејќи опфаќаат значајни области и за работниците и за работодавците, малите и големите претпријатија, индустријата, стопанството, економската и монетарната политика, оданочувањето, социјалната политика, но и науката и истражувањето и образованието и културата.
Во последниот извештај на Европската комисија за нашата држава во однос на економските критериуми беше забележано дека Македонија постигна одреден напредок и постигна добро ниво на подготвеност за развој на функционална пазарна економија. По забрзаниот раст на цените на храната и енергијата на почетокот на 2022 година, Владата донесе нов сет фискални мерки за да го спречи негативното влијание врз економијата, иако фискалните мерки можеше да се насочат подобро. Централната банка ја заостри својата политика во поглед на зголемените инфлациски притисоци. Меѓутоа, како што се забележува од ЕК, важните реформи во политиката за подобрување на фискалното управување и одржливоста на јавните финансии се во застој.
Во однос на способноста да ги преземе обврските за членство, Македонија е умерено подготвена во повеќето области опфатени со кластерот 2 за внатрешниот пазар, во делот на слободното движење на стоки, услуги и капитал, интелектуалната сопственост, политиката на конкуренција, финансиските услуги и заштитата на потрошувачите и здравјето. Не е постигнат напредок во политиката на конкуренција. Генерално, потребен е поголем напредок во наредната година во областите опфатени со овој кластер.
Во однос на кластерот 4 за зелената агенда и одржливото поврзување, Македонија постигна добро ниво на подготвеност во трансевропските мрежи. Земјата е умерено подготвена за транспортна политика и енергетика и постигна одредено ниво на подготвеност за животна средина и климатски промени. Потребни се значителни напори во областите каде што е постигнат ограничен напредок, како во енергетиката, транспортната политика и трансевропските мрежи. Во наредниот период, земјата треба да го забрза спроведувањето на економскиот и инвестициски план и на зелената агенда за Западен Балкан. Македонија е умерено подготвена во повеќето области од кластерот 5, за ресурси, земјоделство и кохезија. Постигна добро ниво на подготвеност во областа на безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика и е во рана фаза на подготвеност во финансиските и буџетските одредби. Во текот на извештајниот период, постигнат е одреден напредок во земјоделството и руралниот развој и во безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика. Сепак, потребни се дополнителни напори, особено во областите каде што има ограничен напредок или нема постигнато напредок, како што се рибарството, финансиските и буџетските одредби, како и во регионалната политика и координацијата на структурните инструменти. М.Ј.
Подобрување на конкурентноста на домашните компании
Бизнис-заедницата во Македонија во процесот на пристапните преговори очекува од државата да се воспостави подобра бизнис-клима, пред сѐ во донесувањето мерки што ќе придонесат во подобрувањето на конкурентноста на домашните компании. Притоа е потребно и зајакнувањето на извозните потенцијали на компаниите, што претставува „суштински столб во процесот на градење посилна економија“.
Од најголемата бизнис-асоцијација во земјата, Стопанската комора на Македонија, предлагаат да се следи моделот за економски развој предложен од Комората, кој предвидува: Домашните и странските инвестиции да бидат двигател на растот; да се зголеми извозот на конкурентни производи за одржлив развој; приватниот сектор да стане стожер на економскиот раст и на апсорбирањето на високата невработеност; динамичниот економски раст да резултира со функционално интегрирање на земјата во ЕУ и со зголемен животен стандард; да се модернизира инфраструктурата и да се намали енергетската зависност на земјата. За да се реализира овој модел на економски раст, потребно е да се работи на спроведување на мерките со врвен приоритет што ги има поставено Комората, а тоа се: борба со сивата економија и со корупцијата; брза гасификација; зголемување на финансиската инвестициска поддршка, како и на финансиската поддршка за извозните компании и за иновациите на големите компании; брзи процедури за издавање на градежните дозволи за инвестициите од бизнисот; регистрација на електронските портали.