Управата за јавни приходи (УЈП) информира дека до крајот на ноември спроведени се околу 4 000 контроли при што евидентирани се неправилности во делот на неиздавање на фискални сметки при што изречени се над 2 500 глоби, а на 113 даночни обврзници им е изречена забрана за вршење дејност.
– Фактот дека секоја четврта контрола завршува со утврдена неправилност во делот на неиздавање фискални сметки укажува на широка појава на неевидентирање на готовинскиот промет. Во поширок контекст, овој факт укажува и на користење на неевидентираниот промет за плаќања во готовина меѓу фирми и исплата на плати во плик, практики кои се спротивни на законот и претставуваат облици на сивата економија, создаваат нелојална конкуренција и предизвикуваат загуби за буџетот. Кон поголем број од даночните обврзници кои беа казнети за неиздавање фискални сметки и неевидентиран промет, УЈП испрати персонализирани пораки со повик обврзниците да поднесат исправки на даночните пријави, да го пријават прометот и да го платат данокот. УЈП го следи постапувањето на овие даночни обврзници и најавува дека, доколку не постапат доброволно, ќе следуваат и дополнителни контроли со примена на индиректни методи за утврдување на прикриениот промет и неплатениот данок –
се наведува во денешното соопштение од УЈП.
Оттаму најавуваат и засилени контроли во пресрет на новогодишните празници во кои ќе бидат опфатени ресторани, кафе-барови, дискотеки, сендвичари и други субјекти кои работат со готовински плаќања.
Пред отпочнување со подеталните контроли и изрекувањето на санкциите, Од УЈП велат дека спроведеле обемен процес на советодавни активности и канцелариски анализи со цел да се согледа однесувањето на даночните обврзници и нивото на усогласеност со законските прописи.

































