Фото: Маја Јаневска-Илиева

Каматните стапки остануваат непроменети, односно каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 5,35 проценти, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 3,95 отсто и 4 отсто соодветно. Понудата на благајничките записи на редовната аукција ќе биде исто така непроменета, односно ќе изнесува 10 милијарди денари – одлучи Извршниот одбор за монетарна политика на Народната банка.

Со ваквата одлука, како што појаснуваат оттаму, се задржува внимателниот пристап при водењето на монетарната политика, соодветно на условите во економијата и на ризиците што произлегуваат од надворешното и домашното окружување.

– Целокупниот сет досегашни мерки — тековните каматни стапки, промените кај задолжителната резерва и применетите макропрудентни мерки — е насочен кон одржување на ценовната стабилност на среден рок и кон зачувување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото – велат од централната банка.

Препораката на Народната банка е внимателно да се следи инфлацијата. – Ризиците за идната динамика на инфлацијата и натаму постојат и се поврзани со натамошната неизвесност од променливото надворешно окружување, но и од домашните фактори што влијаат врз побарувачката, велат од централната банка.

Состојбата на девизниот пазар е стабилна и на крајот на јуни, нивното ниво изнесува 4.697,6 милион евра, што, според оценките на Народната банка, е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута.

– Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со јуни упатуваат на нето-приливи од приватните трансфери коишто се во согласност со очекувањата според априлската проекција, додека трговскиот дефицит остварен во април и мај засега е понизок од проекциите за вториот квартал. Во првиот квартал од 2025 година, тековите во билансот на плаќања се близу до очекувањата – се наведува во соопштението од централната банка.

Во однос на економската активност, од Народната банка оценуваат дека расположливите високофреквентни податоци за вториот квартал од годинава главно упатуваат на забрзување на економскиот раст, поткрепено од поволните движења во градежништвото, индустријата и угостителството, но дека ризиците за растот во наредниот период од надворешното окружување се претежно надолни, што се поврзува со високата непредвидливост во услови на геополитички и трговски тензии. Во однос на домашното окружување, обемот и динамиката со којашто ќе се остваруваат домашните инфраструктурни проекти се едни од најважните фактори што ќе влијаат врз темпото на раст на домашната економија, велат од Народната банка.

Остварувањата во монетарниот сектор покажуваат натамошна солидна кредитна поддршка на економијата, којашто е над очекуваната динамика. Во јуни депозитите и кредитите бележат солидни стапки на раст, коишто се повисоки од априлските проекции.