Се установи дека резултатите од овој настан се многу поголеми од едноставно рушење на рекордот за најдолга презентација пред инвеститори. Тој претставува прв инвеститорски подвиг во нашава држава каде што пет различни и комплементарни компании вложуваат во многу рана фаза на бизнисите, т.е. фаза на идеја. Целта на ваквото инвестирање е поддршка на неколкуте добри идеи од големиот број пријавени и синергија во напорите на претприемачите и инвеститорите со кои побрзо би се стигнало до странски инвестициски пазари
Интервју со Сања Митровска, основачка на „Нетворкер“
Компанијата „Нетворкер“ стои зад организацијата на „Лонгест пич маратон“ и е официјалниот носител на гинисовиот рекорд за најдолга презентација пред инвеститори, соборен неодамна во Скопје. Настанот имаше цел да собере голем број бизнис-идеи од кои ќе се изберат најдобрите, со цел намалување на ризикот на инвеститорите, а истовремено да им овозможи на најдобрите поддршка во многу рана фаза, односно на самата идеја. За таа цел разговаравме со Сања Митровска, која е основачка на „Нетворкер“. Покрај ентузијазмот за развој и директна работа на стартапи, Митровска е професорка гостинка по бизнис во „Нова“, каде што индиректно влијае на креацијата на претприемачи во нашето општество, како и олеснувачка на „Гугл дизајн спринт воркшопс“.
Која е вашата мотивација за вклучување во настанот за постигнување на светскиот гинисов рекорд за најдолг бизнис-маратон?
– Верувам во следната генерација македонски бизниси, кои може да го обликуваат светот и токму поради таа причина беше и организацијата на настанот – креирање момент во кој ќе се спојат иновативните претприемачи со инвеститорите. Дополнително, рушењето на рекордот беше планирано да служи како позитивен пиар, кој ќе привлече многу бизнис-идеи од една страна и инвеститори од друга, кои од големиот квантитет на идеи ќе инвестираат во оние со најголем потенцијал на раст.
Дали постигнувањето на гинисовиот рекорд е дополнителна мотивацијата за инвестирање само во идеи и давање неопходна поддршка?
– Иако сме организатори на овој настан и самите се јавуваме од страната на инвеститори, бидејќи од досегашното работење низ патувањето на „Нетворкер“ поминаа најмалку три бизниси што вредат над пет милиони евра и тие сме ги пропуштиле ние и другите инвеститори. Но за разлика од другите инвеститори, како компанија што директно се занимава со развој на стартапи, воочивме дека постои јаз помеѓу инвестицискиот капитал во нашава држава и добрите бизнис-идеи, со капацитет за странски пазари. Односно, пракса на нашите инвеститори е да вложуваат во бизниси што веќе имаат некакви резултати од работењето, без да преземат повисоко ниво на ризик.
Од друга страна, најуспешните македонски стартапи токму во рана фаза кога домашниот капитал им бил најпотребен не го добиле и пристапиле до странски инвестициски фондови. На овој начин сите загубиле по нешто. Македонските инвеститори пропуштиле можност за добра инвестиција, додека пак некои стартапи пропаднале, а некои успеале бидејќи имале ИТ-искуство за да изградат демо, но значително побавно отколку со поддршка. Токму тука ја видов нашата можност да бидеме играчот што ќе служи како медијатор помеѓу двете страни, организирајќи го настанот и спојувајќи ги перспективите на овие две страни. Односно, собирање голем број бизнис-идеи од кои ќе се изберат најдобрите, со цел намалување на ризикот на инвеститорите. Но истовремено овозможувајќи им на оние најдобрите поддршка во многу рана фаза, т.е. идеја.
Какви се плановите за понатамошни активности со цел поддршка на стартапите?
– Резултатите од овој настан испаднаа да бидат многу поголеми од едноставно рушење на рекордот за најдолга презентација пред инвеститори. Тој претставува прв инвеститорски подвиг во нашава држава каде што пет различни и комплементарни компании вложуваат во многу рана фаза на бизнисите, т.е. фаза на идеја. Целта на ваквото инвестирање е поддршка на неколкуте добри идеи од големиот број пријавени и синергија во напорите на претприемачите и инвеститорите со кои побрзо би се стигнало до странски инвестициски пазари. Плановите за иднината се споменатово инвестирање да служи како студија на случај за другите инвеститори, со чија помош ќе се охрабри инвестирањето во рана фаза, меѓутоа здружено во неколку бизниси одеднаш, за намалување на ризикот.
„Нетворкер“, пак, би служел како „осигурителна полиса“ за инвеститорите што користејќи ги своите „гугл дизајн спринт“ методологии за шест месеци ќе влијае на развојот на првото демо, негово приспособување според потребите на пазарот и тестирање на стратегијата гоу-ту маркет, со цел подготвување на идеите за следна фаза инвестиции.
Што поточно значат овие „гугл дизајн спринт“ методологии? Всушност, тие вклучуваат низа креативни работилници за создавање, тестирање, добивање повратен одговор од клиентите и повторно приспособување на продуктот додека не го најде својот маркет-фит. Оваа методологија компресира неколку месеци потрошени во дизајнирање, градење, лансирање и процесирање на идејата во само неколку дена. На долг рок, моите планови се да станеме првиот приватен инвестициски фонд во Македонија што ќе вложува во стартапи и истите тие да ги развиваме по примерот на „Уај-комбинејтор“ од Силиконска Долина. Тоа е фонд од кој излегле најголем број екстремно успешни стартапи, а покрај незначителна инвестиција дава развој на продуктот, спојување со инвестициски фондови специјализирани за скалабилни бизниси и нетворкинг за успех на странски пазари.
И дали ова е нескромно? Да! Затоа и започнавме со рушење на гинисов рекорд што ќе ја охрабри претпримничката заедница кај нас, преку победнички пет стартапи од кои верувам дека барем еден ќе биде првиот екстремно успешен стартап од нашата земја. Доказ дека можеме да го направиме тоа е фактот што Грција и Бугарија веќе имаат неколку.