Фото: „Нова Македонија“

На предлог на Министерството за финансии, Владата вчера на седница ги усвои измените и дополнувањата на Законот за царинската тарифа со кои се пристапува кон намалување на царинските стапки на околу 70 стоки, главно суровини и репроматеријали кои се користат од страна на индустријата во земјата.

Измената, како што соопшти денеска  Министерството за финансии, е дел од Програмата за работа на Владата 2024-2028 година со која е предвидено постепена хармонизација на царинските стапки со стапките кои се применуваат во ЕУ, адаптирано на извозно-увозните потреби на стопанството и на државата.

-Оттука, во рамки на предвидената постепена хармонизација, во јули 2025 година ќе се изврши намалување за 50 отсто на разликата помеѓу царинските стапки што се применуваат за увоз на предметните стоки кај нас и царинските стапки за истите кои важат во ЕУ, со интенција за понатамошно доусогласување – велат од Министерството.

Посочуваат дека наведената законска измена е во насока на зголемување на конкурентноста на домашните компании кои извезуваат на странските пазари и зголемување на македонскиот извоз како и зголемен девизен прилив, а се очекува и зголемување на инвестициите и бројот на вработувањата.

Со намалувањето на царинските стапки, посочуваат од Министерството за финансии, директно ќе се помогне во секторите на автомобилска, метало-преработувачката индустрија, металургијата и енергетиката.

-Со предложените законски измени е опфатено намалување и на царинските стапки за литиум јонски батерии за складирање на електрична енергија во секторот енергетика. Целта е да се помогне во енергетскиот сектор, во насока на зголемување на своите капацитети, зголемување на извозната конкурентност, и се очекува зголемување на инвестициите и бројот на вработувањата – се наведува во соопштението.

Предлог-законот за измени и дополнување на Законот за царинската тарифа ќе биде доставен во Собранието на усвојување.