Фото: Пекселс

Во своето најново излагање, Малагурски детално го опишува развојот на доларот до светски доминантна валута, но и укажува на промените што во последните години, а особено во последните месеци се случуваат и кои упатуваат на сѐ поголема дедоларизација на светот

Како ќе изгледа светот кога американскиот долар ќе ја загуби доминацијата во светот?

Дали американскиот долар заминува во историјата, а со него и доминацијата на Соединетите Американски Држави над светските финансии? Со овие зборови Малагурски го започнува своето излагање, по што следува изјава од американскиот претседател Доналд Трамп, во која тој вели дека „шест држави се здружија, сакајќи да ја намалат вредноста на доларот“.
На ова Малагурски потенцира дека пред некој ден прочитал вест што звучи речиси надреално. Имено, официјалните претставници во Европската централна банка (ЕЦБ) почнуваат да ја преиспитуваат својата верба во американскиот долар и дали САД ќе продолжат да ги исплаќаат навреме своите долгови.
– Постои несигурност во темелите на системот дека САД и доларот ќе доминираат на светскиот поредок – укажа Кристин Лагард.
Тоа практично значи дека се подготвуваат за можен колапс на глобалниот финансиски систем, во кој доминира доларот, објаснува Малагурски.
Тој додава дека доларот опфаќа дури 58 проценти од светските девизни резерви, додека еврото опфаќа само 20 проценти од резервите. Тоа се нарекува империјална хиерархија, а структурата што ја одржува таа хиерархија е во основа довербата во доларот.
– Ние веруваме дека доларот нема да пропадне и поради тоа тој има сила. Но, сега се случува нешто што пред само неколку години звучеше незамисливо. Не само што сите држави престануваат да ги чуваат резервите во долари, туку и најголемите сојузници на Америка – Европската Унија – почнуваат да ја губат довербата во доларот – истакнува тој.
Потоа прашува „дали е ова крај на новиот светски поредок, Дали нас нѐ чека нова економска криза, иако сѐ уште не сме излегле од тековната, или во тек е најголемата реорганизација на финансискиот систем што светот ја видел? И, секако, што ќе значи тоа за обичните граѓани?

Кој „се спасил“ досега од доларот?!

Малагурски посочува дека прва земја што му сврте грб на доларот е Русија, и тоа не го направи од идеолошки причини, туку најмногу од практични причини.
Откако западните земји ѝ замрзнаа 300 милијарди долари руски девизни резерви, сосема нормално Русија ја забрза диверзификацијата кон други валути, па ги зголеми резервите со злато и кинески јуан и го намали потпирањето на доларот.
– Уште една земја што ѝ се придружи на Русија е Кина, која до 2023 година драстично го намали уделот на доларот во резервите, и тоа од високи 59 проценти на само 25 отсто од девизните резерви. Исто така го намали уделот на американските државни обврзници на најниско ниво во последните 14 години – укажува нашиот излагач.
Потоа тој посочува дека и Бразил и Аргентина имаат договори и со Кина да тргуваат во јуани и реали, не во долари. Тој истакнува дека Аргентина отвори таканаречена „свап линија“ со Кина од 18 милијарди долари. Инаку „свап линија“ е многу интересна работа, тоа е како две држави, Кина и Аргентина, да направат таен сеф. Во тој сеф секоја држава ја става својата валута. Па така, Аргентина внесува пезоси, Кина јуани, а кога доаѓа тешка ситуација, криза, инфлација, недостиг од долари, Аргентина го отвора сефот и позајмува кинески јуани, додека Кина може да земе пезоси ако ѝ затребаат.
– Значи, Аргентина не троши долари да плати за робата од Кина, туку јуани, плаќа во валутата во која се произведуваат производите подигнувајќи ја од тој сеф. Тоа го договорија директно двете централни банки на држави за да ја намалат употребата на доларот.
Покрај ова, Индија и Малезија договорија да си плаќаат меѓусебно со валутата на Индија со цел да ги намалат потребите од долари во нивните меѓусебни билатерални договори.
Исто така и Саудиска Арабија е подготвена да прима валути и да наплаќа за своите производи во други валути, а тоа не мора да е доларот. Ова е првпат во 48 години да се договара вакво нешто– истакнува Малагурски.
Потоа тој посочува дека Авганистан, кој до неодамна беше окупиран од САД, сега е во преговори со Русија и Кина за да прават трговија во локални валути, исто така за да ја избегнат зависноста од доларот.

Најголем должник

Малагурски исто така посочува дека Америка е задолжена, како што вели, „до гуша“ и должи над 36 трилиони (илјади милијарди) долари, а тој долг расте за трилион на секои три месеци.
– Тој долг одамна го надмина американскиот БДП, и сега е на 120 отсто. Тоа досега не беше проблем бидејќи имаа доминација на финансиските пазари, како и поради големата воена моќ на земјата, но сега финансирањето на американската државна империја станува неиздржливо, а државите, меѓу кои и светски и регионални сили, не чувствуваат страв да го баталат доларот, и доларот е во сериозни проблеми – укажува излагачот.
Да пробам да објаснам вака, дополнува Малагурски.
– Ако актуелниот економски поредок што го наметна Западот е организам, Федералните резерви на Соединетите Американски Држави се негово срце, кое пумпа крв – долари. Преостанатите големи банки и финансиски институции на некој начин се крвни садови. Ако САД задоцнат со сервисирање на долговите неколку дена, тоа е тешка аритмија, а ако се доцни неколку недели – инфаркт. А ако Вашингтон одлучи да престане да ги сервисира своите долгови, односно Америка да банкротира, настанува смрт на актуелниот светски поредок.
На ова тој додава дека ова е поредок што одамна не функционира, во склад со реалните состојби на геополитичката сцена, бидејќи е производ на време што веќе одамна го нема.
– Во текот на Втората светска војна, САД продаваа им многу оружје и дополнителна опрема на многу сојузници што им плаќаа во злато. До 1947 година САД акумилираа речиси 70 отсто од светските резерви на злато – се посочува во еден исечок преземен од американски документарец.
Малагурски тука истакнува дека поради фактот што валутите на земјите разорени од војни останаа безвредни, Американците на конференција во 1944 година, кога поразот на непријателот станал известен, му го понудија на светот следниот договор: Вредноста на доларот да биде поврзана со златото, а вредноста на сите други валути да биде поврзана со доларот.
Советскиот Сојуз и Кина ја одбиле понудата, бидејќи сметале дека светската економија ќе биде под влијание на Волстрит. Но, многу држави немале избор освен да прифатат, па така настанале институциите како што се Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, но со Бретонвудскиот договорот во суштина е воспоставен светскиот монетарен поредок врз основа на доларот и на тој начин почна периодот на американска доминација.
– И во суштина долги години системот функционираше, државите наместо златни резерви, акумулираа резерви во долари и земаа американски обврзници за заштеда на своите долари, а благодарение на стабилноста на светскиот финансиски систем е остварен најголемиот економски развој во историјата.
И тоа е веројатно последниот пат кога Вашингтон одигра некаква конструктивна улога за светската економија.
Во 1971 година, Ричард Никсон еднострано ја укина златната подлога на доларот, бидејќи на Америка ѝ требаа повеќе пари отколку она што можеше да го гарантира со злато. Пред сѐ поради финансирањето на војната во Виетнам, но и поради ладната војна против СССР – укажува нашиот водител.

Премин кон „лебдечкиот“ модел на валути

Никсон го направил тоа по совет од секретарот за финансии, кој истата година на состанокот на Г10 во Рим кажал: Доларот е наша валута, а ваш проблем. На тој начин, западните земји биле принудени да преминат на „лебдечкиот“ модел на валути.
За да не се свртат земјите уште тогаш против доларот, Американците постигнале договор со Саудиска Арабија да продава нафта исклучиво за долари. Бидејќи Саудијците беа единствениот релевантен извозник на нафта, овој договор го осигура местото на доларот како доминантна светска валута.
– По падот на СССР, настана монополарен поредок, во кој Америка доби можност за одврзани раце да го наметна доларот како единствената валута во светската трговија, до крајот на минатата деценија дури 80 отсто од светската трговија се правела во долари. На тој начин, многу држави ги трпеа злоупотребите на оваа доминација за колку-толку доларот да остане стабилен и резервната валута на земјите да остане јака.
Во суштина Вашингтон водеше надворешна економска политика по моделот на мафиите, или ќе плаќаш рекет или ќе те изгасиме. Тоа беше и начинот на кој функционираа и со Русија, но наместо да ја прегазат, следуваше шок за Западот. Руската економија се стабилизира, рубљата се консолидира, а Москва дополнително ги зајакна трговските односни со Кина, Индија и со Блискиот Исток – укажува Малагурски.
Потоа тој посочува дека наместо уште еднаш да го заплашува светот, Вашингтон се заигра, бидејќи и на птиците на гранките им стана јасно дека го користи доларот како оружје, а не како неутрално средство за размена.
Преостанатите држави почнаа да размислуваат дека „ако ова и се случува на Русија, може да ни се случи и нам. А ако Русија успеа да се измолкне од канџите на доларот, можеме и ние“.
На тој начин уделот на доларот во светските девизни резерви и светската трговија е во постојан пад, моќните држави на Југот сѐ повеќе тргуваат меѓусебно и со своите партнери во сопствените валути, па дури и со кинески јуани.
Најавата на Саудиска Арабија за диверзификации е почеток на рушење на доминацијата на доларот за купување нафта само во долари и на многумина во Америка им стана јасно што значи сето тоа.
– Ако престанеме да бидеме светска финансиска валута, тогаш секој ќе стане значително посиромашен прекуноќ – вели Чарли Кирк, американски активист.
Тука Малагурски потсетува дека неколку американски агенции за процена на кредитниот рејтинг за првпат го намалија кредитниот рејтинг на САД и сега администрацијата на Доналд Трамп очајно се обидува да го спречи стрмоглавиот пад на доларот.
– Заедницата БРИКС, мислам дека таа забрзано се распаѓа. Рековме дека ако направат што било што го поткопува доларот, вклучително и Кина, не ни знам дали се членка на БРИКС – вели Трамп…, на што водителот потенцира: Да, К во БРИКС е Кина.
Иако ова не е првпат Трамп да не знае кои се членките на БРИКС. Потоа следува видео во кое Трамп ја споменува Шпанија меѓу земјите членки на БРИКС, што не е точно.
На темата како Трамп се обидува да ја стопира дедоларизацијата во светот, повторно се пренесува изјава од него, во која соопштува за тарифите што ги воведе и кои го разбрануваа целиот свет изминативе месеци.
Но, како што вели Малагурски, не само што не престанува процесот на дедоларизација туку таа добива сѐ поголемо значење и меѓу сојузниците на САД во Европа. Дури и Франција, која долги години беше доследен следбеник на американската монетарна политика, почна да тргува со Кина во јуани. Поради тоа Вашингтон очајнички се обидува да го одржи статусот квото со санкции, медиумски притисок, па и со демонстрација на воената моќ.
За крај Малагурски потенцира дека „тоа е однапред изгубена битка. Светот се промени, не постои повеќе еден центар на моќ, ниту еден наратив. Светот нема целосно да се промени прекуноќ, но наместо да се прашуваме дали доларот ќе опстане, треба да се запрашаме како ќе изгледа светот кога доларот ќе ја изгуби доминацијата во светската економија“.

Тезите ги аргументира Борис Малагурски, режисер, политички аналитичар, коментатор, писател…