Фото: Нова Македонија

За десет до 15 дена на македонските ниви треба да започне есенската сеидба на житните култури. Потпретседателот на Асоцијација на земјоделци, Гоце Сарафимов вели дека токму врнежите од дожд се добредојдени за земјоделците, бидејќи значат бериќет и се надеваат на подобра година. Посочува дека токму поради ова по новата сеидба на јачменот и пченицата се надеваат дека наредната година ќе имаат подобар квалитет и поголем род.

– Овие дождови се добредојдени, бериќет што се вели. Има низ цела држава, а во штипско дожд има околу 60 литри. Што значи дека за неколку дена и тие ниви што не се изорани ќе се изораат и ќе почне за петнаесеттина  дена со сеидбата – изјави Сарафимов.

Според него дополнителна надеж влева средбата на земјоделците со претставници на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, каде се дефинирани новитети околу субвенционирањето. Серафимов вели дека цената е делумно задоволителна за земјоделците, но се надева дека со овие измени ќе има поголеми површини засеани со пченица и јачмен.