Според угледниот медиум „Фајненшл тајмс“, и во тековнава 2025 година (како и во претходните години) „значителен број азиски компании продолжиле интензивно да работат во Русија, одржувајќи го бизнисот и покрај тековните меѓународни санкции“
Осврт во некои од западните медиуми за санкциите кон Русија наспроти интересите на бизнисот, општиот развој, раст и одржливост
Сè појасна е економската наклонетост на Русија кон Азија и обратно, на Азија кон Русија. Во еден таков нагорен тренд на заемна соработка се преобликува трговската и финансиска инфраструктура на најголемиот континент – Азија.
Бизнис-прагматизмот на азиските држави и компании
Додека западните компании (особено европските) сѐ уште се под некакви политички притисоци, многу азиски компании ги зацврстуваат своите позиции, не само на краток рок туку и како долгорочни играчи на реконфигурираниот евроазиски пазар, особено на огромниот пазар на можности, за каков што го сметаат оној на Русија. Но, сепак, аналитичарите сѐ уште предупредуваат дека заканата од „секундарни санкции од Западот кон Русија сè уште е реална“. Меѓутоа, и покрај овие предизвици, економските аналитичари истакнуваат дека за многу азиски компании, „одлуката да останат во Русија е водена од јасен прагматизам“. Во некои случаи, тврдат тие во своите анализи, „пазарниот потенцијал ги надминува дипломатските пречки, а во други, државната поддршка или геополитичкото усогласување нудат заштита од западните критики“, давајќи примери како бизнисот си врви во Азија, помеѓу Русија и другите азиски држави, и покрај западните алатки за ембарго.
Компаниите од целиот свет, над сѐ, ги интересираат одржливоста, развојот и профитот
Економските аналитичари со еден пример ја аргументираат својата теза дека иако „во сила се глобални санкции за Русија, бизнисот непречено си врви“.
На пример, според публикуваниот извештај во јавноста, компанијата „Јапан тобако“ сè уште е исклучително активна во Русија. Иако споменатата јапонска компанија јавно се декларираше дека ќе ги „паузира инвестициите и рекламирањето“, нејзините основни операции останаа недопрени, дури и унапредени. Имено, профитот што таа компанија го прави во Русија сочинува повеќе од една петтина од нејзините приходи. Ова го откри извршниот директор на компанијата за „Фајненшл тајмс“.
За потсетување, „Јапан тобако“ повеќе од една третина е во сопственост на јапонската влада. Таму се вработени повеќе од 4.000 луѓе – во четири руски фабрики. „Јапан тобако“ многу флексибилно се приспособи на западните санкции со насочување на логистиката низ Турција и префрлање на одговорностите на вишиот менаџмент во Хонгконг. Иако украинската Национална агенција за спречување корупција (НАЦП) ја идентификуваше „Јапан тобако“ како една од компаниите што им плаќаат даноци на руските власти, таа си продолжи непречено да работи. Националната агенција за спречување корупција на Украина ја опишува компанијата „Јапан тобако“ во свои извештаи како „компанија што помага во финансирањето на руската воена машинерија“, при што таквиот опис беше проследен со постојани напори од страна на украинските активисти и јавни личности за да се изврши притисок врз компанијата да се повлече од Русија. Меѓутоа, притисокот на Киев имаше релативно мал ефект врз јапонската влада и Киев не успеа да ја постигне својата примарна цел.
Според една друга листа, што ја води „Киевската школа за економија“, кинеските компании, пак, исто така, го продлабочиле своето присуство во Русија. Овие компании профитираат од празнината што ја оставаат заминувањата на западните компании. Еден истакнат пример е „Грејт вол мотор ко“, која ги дуплираше своите приходи во Русија во изминатиот период, бидејќи повеќето големи европски и американски производители на автомобили или ги прекинаа своите операции или се повлекоа. Споменатата кинеска компанија е додадена и на украинската листа на Националната агенција за спречување корупција, меѓутоа, компанијата останува на пазарот каде што побарувачката на потрошувачите за кинески возила постојано расте.
Понатаму, Хаиер, друг кинески производител, исто така го прошири своето присуство во Русија. Компанијата веќе управува со најмалку три фабрики во Русија, а кон средината на 2022 година објави планови за изградба на четврта во Набережње Челни. Приходите на „Хаиер“ скокнаа за повеќе од 50 отсто во 2023 година, пораст поттикнат од повлекувањето на западните конкуренти и успешната маркетинг-стратегија на компанијата. И покрај меѓународниот надзор, „Хаиер“ не даде никакви индикации дека има намера да ги намали своите операции во земјата.
Исто така, компанијата „Хиквижн“, која се занимава со производство на технологија за надзор, исто така забележа значителен напредок во Русија. Нејзините приходи се зголемија за 42 отсто. Растот е показател за зголемената побарувачка за опремата на рускиот државен апарат за надзор и недостигот од западни алтернативи, пишува „Бне интелињуз“.
За споменување е и компанијата „Шаоми“, иако помалку директно вклучена во производството во Русија, која продолжува да напредува на рускиот пазар на потрошувачка електроника. Во јули 2022 година, „Шаоми“ и неговиот подбренд „POCO“ учествуваа со доминантни 42 отсто од сите продадени паметни телефони во Русија. Многу мудро, компанијата јавно се дистанцира од геополитичките тензии, наведувајќи дека го поддржува мирот и не поддржува никакви воени дејства.
Треба да се напомене и дека кинеските финансиски институции, исто така, играат значајна улога во овој тековен ангажман на кинеските компании во Русија, следејќи ги со кредитно-финансиски линии. На пример, индустриската и комерцијална банка на Кина (ИЦБЦ) ја одржува својата руска подружница, ИЦСИБ банк, која доживеа експлозивен раст помеѓу 2022 и 2025 година – главно затоа што централната банка и регулаторот на Москва направија сè што можеа за да им излезат во пресрет.
И големите индиски компании како што се „Баџаџ ауто“ и „Д-р Редис Лабс“, кои се познати брендови во својата област, исто така продолжуваат да работат и да го прошируваат својот бизнис во Русија. Овие компании имаат во голема мера силен и непрекинат индиски синџир на снабдување изолиран од каква било голема изложеност на Западот. Според економските аналитичари, тие многу лесно ги избегнаа повеќето од опструкциите на санкциите што ги доживеаја нивните европски и американски колеги.
Во секој случај, угледниот медиум „Фајненшл тајмс“, и во тековнава 2025 година забележува и анализира, како и во претходните години по украинско-рускиот воен судир и воведувањето на западните санкции кон Русија дека „значителен број азиски компании продолжиле интензивно да работат во Русија, одржувајќи го бизнисот и покрај тековните меѓународни санкции“, но и дека бизнисот си го наоѓа својот пат и покрај политиката и различните политички интереси. Е.Р.