За да имаме забрзан раст на македонската економија, освен длабоките структурни економски реформи, потребен е интегрален пристап што опфаќа и подобрување на перформансите што и директно и индиректно влијаат на економскиот раст: функционална држава, ефикасни институции, спроведливи закони, извесност во политиките, ниска корупција, добро обвинителство и добро образование на целата нација, не само на работната сила. Но подигнувањето на нивото на потенцијалниот економски раст на македонската економија во голем дел ќе зависи од добро дизајнирани и спроведени структурни реформи на среднорочен период. Според економистите, само во такви услови потенцијалниот економски раст на македонската економија може да се подигне на ниво од 4,3 до 5 проценти во периодот 2020 – 2035 година
Перформансите на економијата значително ќе бидат подобрени доколку имаме функционална држава, ефикасни институции, спроведливи закони, извесност во политиките, ниска корупција…
Како да се постигнат повисоки стапки на раст за Македонија и дали е потребен нов развоен модел што ќе ја доближи земјата до високоразвиените економии? Нема дилема дека нови реформски економски политики и модел не само што се потребни, туку се инстантно неопходни!
Планот на Министерството за финансии за забрзан економски раст од 2022 до 2026 година
Во изминатите две декади развојниот модел на економски пораст не обезбеди динамичен инклузивен економски раст и повисок општ животен стандард. БДП на Македонија растел со просечна годишна стапка од 2,9 отсто. Продуктивноста пораснала многу малку. Работната сила е недоволно искористен производствен фактор (иако се намалила стапката на невработеност, но на тоа влијаат други фактори). Странските инвестиции во компаниите од технолошко-индустриските зони создаваат до 50 отсто од вкупниот извоз на државата, но во формирањето на БДП имаат придонес од околу два отсто и вработуваат околу три отсто од вработената работна сила. Вклученоста на домашни фирми во вредносните вериги е речиси занемарлива. Преку технолошките развојни зони се одвива еден вид „извоз“ на македонска евтина работна сила, а новосоздадената вредност од производство е под 10 отсто.
Тргнувајќи од овие неповолни макроекономски перформанси, Министерството за финансии објави План за забрзан економски раст од 2022 до 2026 година, кој се состои од три главни цели. Првата е поефективно користење на јавните инвестиции во износ од 4 милијарди евра во наредните пет години, со мобилизирање дополнителни 8 милијарди евра инвестирани од страна на приватниот сектор. Втората цел се однесува на удвојување на стапките на економски раст на среден рок од 2,5 отсто на 5 отсто годишни стапки на раст, а третата цел е фискална консолидација и намалување на јавниот долг под 60 отсто од БДП на земјата на среден рок. Новиот план за забрзан раст се потпира на развојот на неколку приоритетни области: зелена економија, дигитализација, иновации и технолошки развој, човечки капитал, физичка инфраструктура и социјална кохезија.
Петар Гошев: Засега не постојат добри основи за остварување високи
стапки на раст на националната економија
Прашањето за избор на развоен модел за Македонија бара широки економски анализи и елаборации, но засега не постојат добри основи за остварување високи стапки на раст на националната економија, како што смета Петар Гошев, поранешен гувернер на Народната банка и поранешен министер за финансии.
– За да имаме забрзан раст на македонската економија, потребни се пред сѐ: функционална држава, ефикасни институции, спроведливи закони, извесност во политиките, ниска корупција, добро обвинителство и добро образование на целата нација, не само на работната сила. Само добро организираните држави имаат високи стапки на раст. Тоа се општите предуслови за остварување позитивни стапки на БДП на долг рок. Домашните компании, за кои исто така можам да кажам некои слабости, се дел од општиот хаос во кој се наоѓаме. Доколку погледнеме наназад, нашиот досегашен развој е помалку од два отсто. Имаме многу големи годишни падови, од кои тешко се враќаме. За пандемијата имавме намалување од десетина проценти, за следната година да оствариме раст од три-четири отсто. Прогнозите на Министерството за финансии за удвојување на растот од 2,5 на пет отсто се само посакувани очекувања. Може да имаме само инцидентни скокови, поради некој привремен фактор, и толку. Растот од седум до десет отсто на годишно ниво е реално недостижен – ни изјави Гошев.
Добро дизајнирани и спроведени структурни реформи!
Во научната студија од 2020 година во која повеќемина економисти ја даваат сликата за македонската економија на среден и долг рок, се забележува дека досегашниот остварен економски раст беше значително под потенцијалниот раст на земјата.
– Подигнувањето на нивото на потенцијалниот економски раст на македонската економија во голем дел ќе зависи од добро дизајнирани и спроведени структурни реформи на среднорочен период, Само во такви услови потенцијалниот економски раст на македонската економија може да се подигне на ниво од 4,3 до 5 проценти во периодот 2020 – 2035 година. Во такви услови, македонскиот БДП по жител, мерен според паритетот на куповната сила на доларот, во 2035 година би изнесувал 58,4 проценти од ЕУ-просекот, а вработеноста би изнесувала 59 проценти. Без сеопфатни структурни реформи, потенцијалниот економски раст би се движел во границите од околу 3,5 проценти и конвергенцијата би продолжила бавно. На крајот од 2035 година БДП по жител би изнесувал 49,0-52,5 проценти од просекот на ЕУ, а вработеноста на работната сила би изнесувала 53,5 проценти – се наведува во прогнозите на двајцата македонски економисти Глигор Бишев и Драган Тевдовски.
Спроведување стратегија за извозна експанзија
Високиот економски раст на Македонија, покрај структурните промени, треба да се базира и на пораст на продуктивноста и спроведување на стратегија на извозна експанзија. Со извоз од околу 60 отсто од БДП, економијата на Македонија може да се смета за отворена економија. Но учеството на дејностите, како индустријата и земјоделството, во кои се создаваат речиси сите извозни производи на Македонија, во создавањето на домашниот БДП не изнесува повеќе од 25 отсто. Многу голем дел од БДП на Македонија, околу 65 отсто, се создава во дејности чија пазарна цел е само домашниот пазар. Тоа јасно говори дека македонската економија е далеку од тоа да биде меѓународно интегрирана економија и во наредниот период треба да се промени тоа, сметаат економистите.
Во Македонија треба да дојде до пораст на извозот на стоки и услуги со поголема компонента на домашната додадена вредност. Токму тука е слабоста на досегашната практика на Македонија, извозот на стоки бележи континуиран пораст со многу повисока стапка од порастот на БДП и на животниот стандард на граѓаните, а тоа е така бидејќи најголем дел од македонскиот извоз како (мала) домашна компонента на додадена вредност содржи неквалификуван и полуквалификуван (евтин) труд. Промената на таа состојба е основата што треба да се постигне со развојниот модел на извозна експанзија и тоа треба да се постави за втора долгорочна цел на економската политика.
При спроведување стратегија на извозна експанзија, владината поддршка на извозот, според економистите Ванчо Узунов и Бранимир Јовановиќ, не треба да остане ограничена само на примарните или секундарните сектори, туку треба да ги опфати и терцијарните, односно услугите. Околу 40 отсто од македонскиот БДП се создава во дејностите на производствени услуги, што е трипати повеќе од учеството на целата преработувачка индустрија. Извозни дејности може да бидат и градежништвото, транспортот и шпедицијата, а особено информациските и комуникациските услуги и туризмот. Развојната стратегија на извозна експанзија подразбира постоење на релативно високо ниво на специјализација на економијата, релативно високо ниво на технолошки развој и модернизација и постепено градење релативно високо ниво на конкурентност и конкурентна способност во регионални и глобални рамки. За да се оствари тоа, треба да се создадат конкурентни предности на македонската економија базирани на квалитетна работна сила, технолошко унапредување и иновации. М.Ј.