Почна Самитот Македонија 2025 на кој присуствуваат преку 500 гости – економски експерти, директори на тинк-тенкови, поранешни и сегашни премиери и министри од земјава и од странство, како и експерти од научната заедница од повеќе држави.
Во фокусот се забрзување на економскиот раст, дигитализација, вештачка интелигенција, иновации за економија подготвена за иднината, усогласување на економскиот потенцијал со паметни инвестиции , улогата на дијаспората во националниот раст. Учесниците ќе дискутираат и за децентрализација на моќта – иднината на парите, медиумите и дигиталната слобода, за редефинирање стратегии, за странски директни инвестиции, како и за образование на иднината – обликување лидери, мислители и иноватори.
Самитот го отвори Виктор Мизо, претседавач на Бордот на директори кој најави ребрендирање на Македонија 2025.
-Има уште многу работа за Македонија да просперира – порача Мизо, нагласувајќи ја добрата соработка со Владата.
На првиот панел „Надвор од политиката: Економската визија и лидерското патување на премиерот Христијан Мицкоски“ ќе зборува македонскиот премиер.
Во рамки на Самитот ќе се организираат и пет лидерски средби, два настани за вмрежување и осум засебни обуки и работилници за компании, млади таленти и владини институции. На овие настани ќе присуствуваат говорниците од Самитот и членовите на Одборот на директори на Македонија2025. Активностите поврзани со Самитот ќе завршат на 15-ти мај.