Фото: Маја Јаневска-Илиева/илустрација

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе нов Правилник за лиценци, кој стапи во сила од денеска, а со кој се поедноставува постапката за добивање лиценца и се воведуваат нови енергетски дејности.

Како што соопшти РКЕ, една од главните новини е намалувањето на бројот на административни документи што компаниите треба да ги достават при аплицирање за лиценца.

Воедно, правилникот е усогласен со обврските од Законот за енергетика, а се зајакнуваат и условите за компаниите што сакаат да добијат лиценца за трговија и снабдување со електрична енергија. Тие ќе треба да обезбедат гаранција дека располагаат со најмалку 100.000 евра на сметка или во основни средства.

Со новиот правилник се воведуваат и нови енергетски дејности, меѓу кои складирање на гас, производство на биометан, производство на водород, производство на биогорива, полнење и продажба на садови под притисок со течен нафтен гас, како и трговија со компримиран гас, течен гас и водород.

Од РКЕ информираат дека вршителите на енергетски дејности кои не се опфатени во Законот за енергетика можат да продолжат да работат без лиценца најмногу три месеци од донесувањето на правилникот, при што апелираат во тој рок да поднесат барање за лиценца за соодветна дејност.

Дополнително, од Комисијата најавуваат дека веднаш штом се создадат технички услови, целокупната постапка за добивање лиценци ќе биде дигитализирана и ќе се спроведува преку Националниот портал за електронска комуникација.