Македонските снабдувачи и трговци со електрична енергија Од 1 јуни ќе имаат можност да снабдуваат нови 1.000 потрошувачи од косовскиот пазар, каде стартува дополнителната фаза на либерализацијата на пазарот со електрична енергија, соопштија денеска од Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).
Ова било повод, како што стои во соопштението, РКЕ да иницира состанок, на кој косовскиот регулатор пред македонските снабдувачи и трговци ги презентирал чекорите како полесно да пристапат на пазарот кај нив.
– Откако ги презедовме сите неопходни активности како регулатори и извршивме взаемно признавање на лиценците за снабдување и трговија, сега сакаме компаниите да ги мотивираме да ја искористат оваа можност. Поголем пазар, носи поголема конкуренција, а бенефитот е пониски цени за електрична енергија. Сега за помалку од еден месец, односно од 1 јуни ќе бидат на располагање дополнителни 500 GWh со кои ќе може да се тргува на слободниот пазар на Косово и ова е одлична бизнис можност за нашите снабдувачи и трговци – посочил Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Претседателот на косовскиот регулатор – Канцеларија на енергетскиот регулатор од Република Косово (ЕРО) Имер Фејзулаху им посакал добредојде на македонските снабдувачи истакнувајќи дека тие имаат повеќе искуство со оглед на тоа дека македонскиот пазар е одамна либерализиран.
– Ова е само меѓу чекор кон приклучување кон единствениот пазар кој го бара од нас Европската Унија. Во прилог на сите ни е да има намалени административни бариери, а зголемена конкуренција, изјавил Имер Фејзулаху од ЕРО – Канцеларија на енергетскиот регулатор од Република Косово (Energy Regulatory Office) – стои во соопштението.
Со цел да се зголеми конкурентноста на пазарите во двете држави РКЕ и ЕРО во 2023 година потпишаа Меморандум за соработка со кој взаемно се признаваат лиценците за снабдување и тргување со електрична енергија.