Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука за малопродажните цени на нафтените деривати, кои ќе важат од 24 март 2026 година од 00:01 часот.
Според одлуката, цените на бензините остануваат непроменети, додека дизелот и останатите горива бележат зголемување.
Моторниот бензин ЕУРОСУПЕР БС-95 и понатаму ќе се продава по 86,50 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе чини 88,50 денари за литар.
Од друга страна, цената на дизел горивото ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) се зголемува за 3,50 денари и ќе изнесува 95,50 денари за литар.
Зголемување има и кај екстра лесното масло за домаќинство, кое поскапува за 2,50 денари и ќе се продава по 92 денари за литар, додека мазутот поскапува за 0,157 денари по килограм и ќе чини 47,610 денари.
Од РКЕ информираат дека цените се пресметани со повластена стапка на ДДВ од 10 проценти, согласно измените на Законот за данок на додадена вредност.
Доколку стапката на ДДВ останеше 18 проценти, цените ќе беа значително повисоки, односно бензините за околу 6,50 денари по литар, а дизелот за околу 10,50 денари по литар.
Со најновата одлука, малопродажните цени на нафтените деривати се зголемуваат во просек за 1,39 проценти во однос на претходната одлука од 16 март.
Како причина за растот на цените се наведува значителното зголемување на референтните цени на светскиот пазар, особено кај дизелот и бензините, како и благото зголемување на курсот на доларот во однос на денарот.
Од Комисијата потсетуваат дека станува збор за максимални цени, а трговците можат да ги формираат и пониско од утврдените.
































