Просечна потрошувачка кошничка е готова, се финализираат уште некои работи. Во неа сигурно нема да има цигари и алкохол и сезонско овошје кое не е карактеристично за периодот од годината, ќе биде квалитетно направена со квалитети податоци, рече заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески вечерва во гостување на Топ тема на ТВ Телма.
Според Ристески, кошницата нема да биде за политиканство, туку за понатамошните политики за заштита на животниот стандард на граѓаните.
– Во нејзината изработка беа вклучени министерствата за економија и труд, за земјоделство, за финансии, Државниот пазарен инспекторат и Комисијата за заштита на конкуренција со цел да добиеме поквалитетна просечна синдикална кошничка. Просечната синдикална кошница нема да биде ниту за политика и политикантсво, ниту за јавното мнение кај граѓаните односно како да кажам одредени грешни параметри кои би се кажувале во јавноста, но нам ни треба како Министерство за економија и труд за понатамошните политики кои би ги правеле во однос на заштита на животниот стандард на граѓаните. Не ја пресметуваме за четиричлено македонско просечно семејство, според Државниот завод за статистика е 3.06 или 3.08, тричлено семејство и земени се податоци за основни прехранбени земјоделски производи и се што е потребно и вклучено во одржување на животноот стандард на граѓаните и реално пресметување на тие реални потреби кои произлегуават во секојдневното живеење – рече Ристески.
Тој информираше дека во формулата за кошницата земени се модалитетите од Државниот завод за статистика и Државниот пазарен инспекторат од повеќе маркети во државава со највисоки, средни и најниски цени, а ќе бидат земени цени и од зелените пазари и локални маркети во регионите. Наспроти тоа, според него, синдикатите ја пресметувале минималната синдикална кошница само од цени на еден маркет, а последната кошничка не ја објавиле „не како што образложиле поради актуелната ситуација со трагедијата во Кочани, туку поради многу подруги причини“.
– Од она што го имаме како информација, неформална, сигурно е над 1000 денари намалувањето, можеби и повеќе 1.500, 1.600 денари. Не можам да кажам, 1.500, 1.600 денари за некој е многу, за некој малку, но ние не се базираме на нивната синдикална кошница. Тие и понатака нека си ја прават, не е релевантен фактор таа, тие се синдикално движење, нивната цел е да прикажуваат повисока кошница со цел да ја оправдаат борбата и политиката. Тоа е легитимно право, нашата ќе биде реална – рече Ристески.
Тој оцени и дека има ефект од антикризните мерки што завршуваат на крајот на месецов и истакна дека е намалена инфлацијата, направени се законски измени во делот на прекршочната постапка со кои Државниот пазарен инспекторат изрекол 500 до 600 казни. Посочи и дека се применува Законот за забрана на нефер трговски практики.
Во однос на исходот од денешната средба со синдикатите, најави дека најдоцна за една недела ќе биде утврдена синдикалната репрезентативност, ќе почне да работи Економско-социјалниот совет и ќе има ревидирање на членови на Општиот колективен договор (ОКД) за јавниот сектор.
– Ние сакаме да направиме еден општ консензус со синдикатите и тие рекоа дајте ни време да размислиме, па така, овие денови очекуваме дали ќе има ревидирање во одредени членови за разлика од она општо размислување дека со потпишувањето на општ колективен договор би се средиле одредени плати, пред се, во јавната администрација – рече Ристески.
Со ревидирање на ОКД и со Законот за плати во јавна администрација што се подготвува, појасни дека треба да се добијат квалитетни и конкретни решенија за нивелирање на платите за да не се прави неправда кон вработени во јавната администрација и исплата на помали плати за 30 проценти.