Оперативниот план за вработување за 2025 година предвидува повеќе средства и ќе опфати рекорден број од над 16.500 лица активни баратели на работа, истакна заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.
-Оперативниот план за 2025 година има многу измени и новини во однос на претходните, како по својот опфат и обем на некоја од мерките, така и преку воведување на нови мерки. Кај најпопуларната мерка за самовработување, поддршката е зголемена од 6.000 на 7.000 евра евра неповратни средства за започнување на бизнис, што е за 1.000 евра повеќе споредено со претходната година. Новина во оваа мерка е што за млади лица до 29 години, истата изнесува до 10.000 евра. Овој износ е рекорден досега и е точно таргетиран за млади лица до 29 години со цел да се мотивираат својот претприемнички талент да го реализираат во државата – кажа заменик-министерот Ристески во гостувањето на „Тема на денот“ на дневникот на МТВ 1, образложувајќи ги новитетите што ги носи планот за вработување.
Ристески потенцираше дека во мерката Поддршка за самовработување (претприемништво) – здружување на корисници во ДОО, каде постои можноста за здружување на корисници до две лица да основаат бизнис, зголемена е висината на финансиска поддршка и истата изнесува од 14.000 до 20.000 евра, при што 20.000 евра се однесува кога двајцата содружници се млади лица до 29 години.
– Со Оперативниот план годинава се планира да бидат опфатени рекорден број на лица, над 16.500, каде има мерки за вработување на лица и мерки за обучување на лица со цел зголемување на нивната конкурентност на пазарот на труд. Огласите од мерките на Оперативниот план ќе бидат објавувани преку Агенцијата за вработување на Македонија и очекувам во брз рок истите да бидат објавени – потенцираше Ристески.
Заменик-министерот Ристески додаде дека за да можат да користат некоја од мерките од Оперативниот план, лицата мора да се регистрирани во Агенцијата за вработување како активни баратели на работа. Сите заинтересирани за повеќе информации можат да го прочитаат Оперативниот план кој е објавен на веб страната на Агенцијата за вработување, или да се обратат до Агенцијата или која било од 30-те подрачни единици – Центри за вработување.
Вредноста на Оперативниот план за вработување за 2025 година, изготвен од Владата, изнесува 2,5 милијарди денари или 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони евра повеќе од минатата 2024 година.