Фото: Принтскрин / Илустрација

Решението за транспортерите ќе биде во насока на издавање на долгорочни работни визи, коишто треба да значат регулиран престој на сите наши превозници кои влегуваат во Шенген зоната без разлика дали се работи за камионски превоз или автобуски превоз, изјави денеска од Кочани вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, одговарајќи на новинарски прашања.

– Швајцарија веќе издава такви визи за македонските превозници, Хрватска најави дека во моментов има законска процедура за усвојување на соодветен закон во хрватскиот Сабор, и работиме координирани со Министерството за надворешни работи и со Министерството за внатрешни работи, и во координација со премиерот да уште неколку држави прогласат вакви визи за македонските превозници што ќе значи едно целосно решение на проблемот – рече Николоски.

Тој истакна дека секој четврток се одржуваат состаноци на техничко ниво за решавање на овој проблем.

– Откако на наш притисок, не само од Македонија, туку и од целиот регион, Европската комисија предвреме ја објави визната стратегија, секој чертврток има состаноци на техничко ниво, каде што учествуваат експерти од Македонија и разговараме за изнаоѓање на решение. Гледам дека соседните држави тоа го експлоатираат во медиумите, ние решивме да сме конструктивни и да работиме и не мислам дека начинот за да се реши овој проблем е начинот којшто го прават соседните држави преку постојано информирање на јавноста, и на една естрада која се случува, туку ова се работи во канцеларија, со документи, со аргументи и тоа е начинот на којшто ние работиме и затоа уште еднаш ќе апелирам да гледаме ние да си го решиме нашиот проблем, а што ќе прават Албанија, Косово, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина е нивни проблем, и драго ми е што нашите превозници тоа го сфатија и што заеднички работиме на решенија за македонските превозници – рече Николоски.

Потсети дека системот стапува во сила во април, за превозниците од Македонија ќе биде одложен до крај на септември, а дотогаш, рече Николоски, треба да биде изнајдено ова решение.

И премиерот Христијан Мицкоски пред два дена кажа дека проблемот со транспортерите најверојатно ќе се надмине преку издавање годишни визи кои ќе овозможат повеќекратен влез и излез од Шенген зоната. Тој посочи дека веќе се водат разговори на билатерално ниво со неколку земји од Европската Унија кои се истовремено и дел од шенгенскиот простор.