Заменик-министерот за економија Марјан Ристески посочи дека на подолг рок со овој закон ќе имаме поголемо регулирање на цените на производите како краен ефект, односно во интерес на потрошувачите, купувачите и граѓаните, заштита на животниот стандард
Примената на Законот за забрана за нефер трговски практики почнува по Нова година
Законот за забрана на нефер трговски практики официјално почнува од 1 јануари 2025 година, а овој закон треба да ги среди односите меѓу производителите, доставувачите и трговците. Досега во мониторинг-периодот се утврдени 26 нефер трговски практики, а според тарифникот се внесени 2.546 префрлени земјоделски производи во овој закон, ни изјави заменик-министерот за економија Марјан Ристески.
Тој подвлече дека на подолг рок со овој закон ќе имаме поголемо регулирање на цените на производите како краен ефект, односно во интерес на потрошувачите, купувачите и граѓаните, заштита на животниот стандард.
– Од друга страна, оној хаос што постоел претходно и форсирање странски производи во однос на домашните производи, тука ќе имаме изедначување во односот и пред сѐ на маркетите. Деновиве се докомплетира КЗК со пет нови члена, кои беа изгласани во Собранието на Република Македонија. Тие ќе бидат главниот контролор на сите овие договори. Договорите завршија до 28 септември, дадовме еден мониторинг-период до 1 јануари, каде што ги следиме сите случувања, имаме различни дојави и одредени проблеми околу поврат на стока во маркетите, имаме информација и дека некаде дури се појавуваат и двојни ценовници – објасни заменик-министерот за економија.
Се укажува и оти се големи казнените мерки по Нова година, поради што треба да внимаваат трговците и сите оние што ги склучуваат овие договори.
– Казните се некаде околу 20.000 евра, што не е малку, како да речеме, за нефер трговски практики – изјави заменик-министерот Ристески.
Прашан за зголемените цени на производите во супермаркетите и новата потрошувачка кошничка, Ристески истакна дека трговците, производителите, супермаркетите, бизнис-заедницата ветија пред целата јавност дека ќе ја поддржат акцијата, која произлегува од нив, со што ќе има намалување најмалку 10 отсто на основните прехранбени производи во новогодишната кошничка. Заменик-министерот за економија истакна дека најголем мониторинг за оваа мерка се граѓаните, кои доколку забележат неправилности, можат да се јават и да реагираат.
– Јас би порачал до трговците, но и до производителите, кошничката има 1.100 производи, меѓутоа имаат време и период до крајот на неделата, доколку има неправилности, да ги исправат, да ја намалат цената на прехранбените производи, пред сѐ за граѓаните. Сметаме дека сѐ уште се општествено одговорни фирми, кои го ветија тоа пред народот, особено за одредени производи, како што се маслото за јадење, шеќерот, млечните производи, како што се кашкавалот и сирењето, месните производи, месото, како што се јунешкото и свинското месо, јајцата… и имаат време да го направат тоа до крајот на неделата – рече Ристески.
Тој додаде дека доколку не го сторат тоа, во тој случај Владата во наредниот период ќе донесе уште подрастични мерки, а главната цел им е штитење на стандардот на граѓаните.
Новогодишната кошничка почна да се применува од 15 декември и ќе трае до 15 јануари. Со неа се опфатени над илјада производи. Мерката е воведена во соработка со трговците и производителите за да им се излезе во пресрет на граѓаните за време на новогодишните и божиќните празници. Е.Р.
Пазарните инспектори на терен, Владата најавува можност за ограничување на цените на прехранбените производи
Маржите под лупа
Ограничување на маржите и цените на прехранбените производи што не се дел од новогодишната кошничка, најавува Владата доколку трговците не покажат општествена одговорност и не ги намалат цените. Пазарните инспектори, според изјавите на надлежните, се на терен и за два-три дена ќе завршат нивните анализи, по што ќе се знае дали ќе се донесат поригорозни мерки.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши ги повика трговците да ги коригираат цените на најосновните производи во овој период и најави дека доколку не го сторат тоа, Владата пред Нова година ќе донесе одлука за воведување поригорозни мерки.
– Не може тоа што ним им беше дадено како право и можност за едни производи, сега да го надоместуваат со драматично зголемување на цените на некои други производи што ги користат граѓаните, како што се маслото, лебот, млекото, млечните производи, шеќерот, солта, кафето, јајцата и слично. Апелирам до големите трговски синџири да си го преиспитаат однесувањето, во спротивно ќе ги искористиме сите механизми што ги имаме и ќе донесеме одлука за да го заштитиме стандардот на граѓаните – изјави Дурмиши.
И премиерот Христијан Мицкоски во неколку наврати повтори дека не е во ред трговците да си играат со трпението на граѓаните и во период пред празници да ги зголемуваат цените на основните прехранбени производи што не се дел од новогодишната кошничка. Тој посочи дека во Владата бил одржан состанок со сите големи супермаркети и оти тие изразиле добра волја да не се воведува пристап што би значел ограничување на цени. Реакциите на Владата следуваа откако граѓаните се пожалија дека се зголемени цените на прехранбени производи што не се дел од новогодишната кошничка. Е.Р.
Сојузот на синдикати забележува дека акцијата за намалување на цените дава резултати и бара мерките да траат подолго
Пресметките за минималните трошоци да се прават со почнувањето на мерката „Помалку трошоци, повеќе за тебе“
Сојузот на синдикатите на Македонија, кој секој месец излегува со пресметка колкави се минималните трошоци на едно четиричлено семејство, пресмета дека во декември минималните трошоци се зголемени за 840 денари во однос на ноември. Вредноста на синдикалната потрошувачка кошничка во декември изнесува 62.861 денар, а со изнајмен стан од 60 квадратни метри, таа е 78.236 денари.
Според ССМ, забележително е дека од септември, кога е воведена првата мерка за ограничувањето на маржите и со последната мерка односно акција за намалување на цените за најмалку 10 отсто, тие даваат резултат, но загрижува тоа што трговците го искористиле периодот пред стапување во сила на последната акција и ги зголемиле цените.
Од ССМ бараат мерките да траат подолго, а следната мерка да биде без да бидат информирани трговците и стопанствениците, за да не направат повторно злоупотреби на грбот на работниците.
Оттаму велат дека тие перманентно и сериозно ја следат состојбата и дека воочуваат драстични промени на подобро за граѓаните, но дека поради лукративни причини, некои од трговците ја „саботираат“ мерката „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ и таа не е толку ефикасна како што биле направени првичните проекции, за што се потребни итни и ефикасни мерки.
Стопанската комора на Северозападна Македонија апелира компаниите што ветија пониски цени да си го одржат зборот
Компаниите што доброволно се согласија дека ќе ги намалат цените на основните прехранбени производи во рамките на новогодишната кошничка да си го одржат зборот и да не го прекршуваат ветеното, апелира Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ).
Комората досега нема потврда дека некои од нејзините членки не се придржуваат до оваа мерка и дека направиле какви било зголемувања на цените надвор од договореното.
– Компаниите што предложија сами, самоволно, без никаков притисок, треба да се придржуваат кон тој предлог, да ги почитуваат предлозите и мерките што ги креиравме заедно со Владата. Не можеме да знаеме 100 отсто, но засега немаме информации дека некои наши членки не се придржуваат до мерката. Имаме и Управен одбор, кој ни кажува дека нема такви промени. Ние само можеме да апелираме до нашите членки што дале збор до 15 јануари да ги држат тие цени, да се придржуваат на тој предлог. Бевме со нашите членки заедно во Владата доброволно да дадат предлози за намалување на некои основни артикли. Тоа се случи. Верувам дека треба така и да постапат. Сме за тоа дека дадоа збор дека до 15 јануари и дека ќе се придржуваат на зборот што го дадоа. Верувам дека компаниите што предлагаа, ќе се придржуваат на тоа и тоа ќе биде најдобар начин за понатаму да имаме такви акции за која било кошничка – изјави претседателот на СКСЗМ, Менди Ќура.
СКСЗМ уште еднаш го потврди и ставот дека е против замрзнување на цените и ограничување на маржите. Е.Р.