Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) следната недела ќе донесе одлуки за тарифите за пренос и дистрибуција на електрична енергија, како и за цената на операторот на пазарот на електрична енергија. Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, увери дека овие одлуки нема да предизвикаат зголемување на цената на струјата за домаќинствата.
-По носењето на овие одлуки, потенцирам дека во никој случај нема да се зголемат, ЕВН Хоум како универзален снабдувач ќе направи пресметка согласно Законот за енергетика и ќе ја достави на увид до РКЕ, за да се провери дали е во согласност со тарифниот систем кој е сега во сила – истакна Бислимоски.
Тој потсети дека тарифниот систем се базира на блоковски начин на тарифирање, воведен во 2022 година кој, споре него, придонесе да се намали потрошувачката на домаќинствата и да се испрати сигнал до потрошувачите дека нерационалната потрошувачка носи повисоки сметки.
-ЕСМ е сложена компанија и сите ние треба да превземаме чекори и мерки кои ќе му овозможат финансиска стабилност. Од тие причини, со блоковската структура се намалува потрошувачката кај домаќинствата и се остава простор за поголеми количини ЕСМ да не ги продаваат на ЕВН Хоум по цена од 65 евра, која е речиси двојно пониска од пазарната и дури пониска од производната цена и јасно е дека таа цена доведува до загуби – нагласи Бислимоски.
Според него, целта е што е можно повеќе количини на електрична енергија ЕСМ да ги продава на слободниот пазар, каде што цената моментално изнесува околу 130 евра за мегават-час.


































