Фото: Нова Македонија/илустрација

Дали Велигден ќе го празнуваме со поскапена трпеза

Со приближувањето на најголемиот христијански празник, Велигден, зачестија поплаките на граѓаните за некои трговци и дел од трговските маркети, кои повторно „си играат“ со трговски маржи, изневерувајќи ги очекувањата на граѓаните. Во мини-анкетата што ја направи „Нова Македонија“ повеќемина од анкетираните граѓани истакнаа дека ова е веќе вообичаена појава. Тие додаваат дека ваквата појава не е невообичаена и е во спротивност со очекувањата на граѓаните, но и спротивна од залагањата на надлежните институции, па на пазарот се препознаваат истите „навики“ неосновано да се зголемуваат цените пред големите празници.
– Оваа појава на поскапување на јагнешкото место, а сега и на свинското и на другите типови месо, но и на свежиот зеленчук, е особено изразена пред Велигден. И тоа е пракса секоја година во последниве десетина, можеби и повеќе години. Пред Рамазан не беше вака, туку, напротив, тогаш цените останаа исти, а сега кај месото има пораст најмалку за 100 денари по килограм– вели Павлина Т., една од повеќето десетици анкетирани граѓани, кои во основа го потврдија истото становиште.
Таа појаснува дека вообичаено за празникот организира семеен ручек со децата и внуците и сака да има убав ручек, но додава дека иако се двајца пензионери со солидни пензии, празниците стануваат сѐ поголем товар поради растот на цените пред празниците.
– Истата ситуација се повторува и за Нова година и за Велигден, нагло растат цените на најбараните производи. Последниве години гледаме однапред да купиме што можеме и да складираме, па дури и месо почнавме да купуваме и да го замрзнуваме, оти цените пред празник знаат многу да се зголемат – додава Павлина.
Но таа не е единствената со слично мислење, туку повеќето соговорници кои ги контактиравме укажуваат дека веќе е вообичаено пред Велигден да се зголемат цените, а дополнително што јагнешкото месо, кое е традиционално велигденско јадење, исчезнува од продавниците.
– Јагнешко баравме веројатно доцна, не успеав да најдам, неколку месарници најавија дека очекуваат нови тури, па повторно ќе побарам. Едно што месото го нема во месарниците, дополнително цената од 700 денари за килограм навистина е превисока – вели Митко Р. за нашиот весник.
Анкетираните додаваат дека во духот на претстојниот христијански празник неразумните трговци треба да бидат фер, дури да стават помали маржи, бидејќи логиката на економијата на поголем обрт ќе им направи да имаат соодветен профит. Тие укажуваат дека цените би требало да се намалуваат, нешто што е традиција во нашата земја што е присутна на пример за рамазанските празници.
Дополнително, еден од анкетираните граѓани рече дека сака да ја искористи анкетава за преку нашиот медиум да апелира до надлежните за да се ангажираат повторно инспекциските служби, како што беше неодамна, за да ѝ се стави крај на ваквата пракса на кревање на цените.

Производителите се жалат на ниска откупна цена

Од друга страна, иако цените во продавниците се високи за купувачите, според информациите од теренот, цените по кои се откупуваат јагнињата од сточарите се ниски. Многубројни се поплаките на сточарите дека откупувачите нудат само 210-220 денари за килограм јагне и најчесто се бараат и откупуваат јагниња до 20 килограми, кои според сточарите важат за поубави.
– Најчесто луѓето од нас купуваат јагниња до 20 килограми, поретко над 30 килограми, но цените за откуп се навистина ниски и речиси неисплатливи. Разбираме дека за малку повисока цена од 200 денари жива мера, за откуп на 20 килограми јагне треба да платат 100 евра, но за нас овие цени стануваат неисплатливи – вели сточар од Прилепско.
Тие не се единствените сточари што укажуваат дека со вакви цени не се исплати да се одгледуваат јагниња и дури се прашуваат дали во иднина ќе продолжат со дејноста. Многу од нив укажуваат дека размислуваат да го намалат бројот на овци и да ги чуваат само за млеко и за сирење. Тие велат дека со цена од 210 до 230 денари за килограм жива мера се во загуба. Поради ниските цени бараат државата да го укине условот за субвенциите да биде 50 отсто од јагнињата да мора да им се продадат на откупувачите и објаснуваат дека на тој начин се доведени во незавидна положба.

Дали ограничените маржи го постигнуваат ефектот?

За да се намали притисокот врз цените на земјоделските продукти и врз сточните продукти, Министерството за земјоделство најави проект со кој планира да ги спојува земјоделците директно со маркетите, за да се избегнат посредниците во синџирот поради чија заработка цената оди нагоре.
Во февруари Владата ги ограничи маржите на околу 100 групи производи, кои претходно се најдоа во есенската и новогодишната кошница. Исто така им препорача на маркетите транспарентно да ги објавуваат цените на дневна основа.
Ограничувањето на маржите треба да трае до крај на април, а оваа мерка според заменик-министерот за економија веќе дава резултати, кои според него се гледаат во податоците на Државниот завод за статистика.
– Од податоците што ги имаме, има дефлација 1,3 отсто во однос на претходниот месец и има намалување на процентот на трошоците за храна и пијалаци некои 3 проценти. Од сите пресметки што ги правиме, ќе видиме како одиме понатаму, дали ќе има ограничување на маржи или законски измени за транспарентност на цените – објасни Марјан Ристески.
Македонија увезла храна за 1,1 милијарда евра во 2023 година, а извезла за 720 милиони евра, покажуваат статистичките податоци. Е.Р.