Новиот шеф на Светската банка, Ајај Банга, предупредува:

Претседателот на Светската банка, Ајај Банга, вчера се огласи со предупредувачка изјава дека растечките поделби меѓу богатите и сиромашните нации ризикуваат да ја продлабочат сиромаштијата во светот во развој. Зборувајќи на состанокот на министрите за финансии на Г20 во Индија, тој го изнесе стравувањето дека недостигот од напредок е во опасност да ја подели глобалната економија.
– Она што ме држи буден ноќе е недовербата што тивко ги раздвојува глобалниот север и југ во време кога треба да се обединиме – рече Банга на дводневниот состанок на министрите за финансии и шефовите на централните банки во Гандинагар, државата Гуџарат.
– Фрустрацијата на глобалниот југ е разбирлива. На многу начини тие ја плаќаат цената за нашиот просперитет – рече Банга, натурализиран американски државјанин со индиско потекло, кој ја презеде банкарската функција минатиот месец откако беше номиниран од американскиот претседател Џо Бајден.
– Кога треба да бидат во пораст, тие се загрижени дека ветените ресурси ќе бидат пренасочени кон реконструкцијата на Украина, тие чувствуваат дека правилата за енергија не се применуваат рамномерно, ограничувајќи ја амбицијата и се загрижени дека стегата на сиромаштијата ќе урне уште една генерација – порача новиот шеф на Светска банка
Разговорите на Г20 доаѓаат откако Русија во понеделникот одби да го продолжи договорот со кој се дозволува критичниот украински извоз на жито преку Црно Море, што предизвика бес од Обединетите нации, кои предупредија дека милиони најсиромашни во светот „ќе ја платат цената“.
– Живееме во комплицирани времиња; морам да алудирам на фактот дека Русија вчера се повлече од иницијативата Црно Море – Украина – и ние овде разговараме како да им помогнеме на ранливите земји – изјави шефот на германската централна банка, Јоаким Нагел.
Светската банка соопшти дека работи на зголемување на нејзината финансиска способност, вклучувајќи и со собирање хибриден капитал од акционерите, за да ги поттикне растот и работните места, но се додава дека идната економија не може да се потпира на експанзија по цена на животната средина.
Соединетите Американски Држави велат дека напорите за реформирање на мултилатералните заемодавци, како што се Светската банка и другите регионални институции, би можеле да обезбедат 200 милијарди долари во следната деценија.
Договорите за реструктурирање на долгот за земјите со ниски приходи беа клучен фокус на групата 20 големи економии, но официјалните лица сугерираат дека има мал напредок.
Повеќе од половина од сите земји со ниски приходи се блиску или се во должничка криза, двојно повеќе од износот во 2015 година, рече американската министерка за финансии Џенет Јелен. Е.Р.