Намалувањето на инфлацијата се должи на мерките, како и на светскиот тренд на намалување на инфлацијата во Европската унија, но трговците во малопродажбата да не ги злоупотребуваат законите и цените на производите да бидат во рамки на она што граѓаните можат го издржат, порача денеска претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати, Благоја Ралповски.
Не треба да заборавиме, рече на прес-конференција Ралповски, дека изминатите две години имавме енормно зголемување на цените, инфлацијата беше над 25 отсто, а за секојдневните потреби, пред сѐ за храна, над 50 отсто.
Прашан дали очекува инфлацијата од следниот месец да се покачи, со оглед на тоа дека од март веќе не важат замрзнатите цени на производите, Ралковски посочи дека ако се спроведуават доследно законите трговците нема да се осмелат вештачки да создадат инфлација.
– Тоа е надлежност на Министерството за економија и на Организацијата за заштита на потрошувачите. Ако тие доследно ги спроведуваат законите и трговците нема да се осмелат вештачки да направат една инфлација. Апелирам до сите, до институциите, работодавачите, трговците и производителите на храна, коишто секогаш ги забораваме, а мислам дека од таму потекнува порастот на цените, да имаат чувство затоа што заедно треба да излеземе од овие турбуленции во делот на инфалцијата и ценовни шокови кои ги трпат граѓаните – рече Ралповски.
Посочи дека цената на млекото и млечните производи енормно расте и проблемот не треба да го бараме само во трговците, туку и кај преработувачите, за кои вели, дека се штитат од институциите.
Во врска со најавата од Советот на обвинители и судии за обжалување во Уставниот суд на одлуката за намалување на коефициентот на платите на функционерите Ралковски рече секој има право да бара почитување на законите, но нагласува дека сепак одлуката е донесена во Собранието.
– Јас не знам во кој дел ќе се обжалат дека не им се покачени платите, затоа што едноставно тоа се донесе во Собранието да се намалат коефициентите. Се намалија коефициентите следниот пораст на просечната плата во 2025 година тие повторно ќе имаат покачување на платите, ова беше еден трик што го направија во Собранието, но судиите не се грижат за нас како работници, пред се за вработените во правосудството, не им се исплаќаат додатоците на плата, затоа што на нив им се покачија платите и нема доволно пари во Судскиот буџетски совет – рече претседателот на КСС.
Потенцираше и дека не се почитува членот 8 од Законот за минимална плата, според кој треба да се усогласат платите и колективните договори во рок од шест месеци.
– Тоа не се почитува, не сега, туку веќе седум години ние сме на улиците. Нашата парола беше „Не за кршењето на законите“ и „Не за кршењето на колективните договори“, така што гледам еден хаос во целиот систем. Кога се работи за нивните плати тогаш го креваат гласот, а кога се работи за платите на работниците тогаш молчат – рече Ралповски.
На прес-конференцијата со Ралповски присуствуваше и претседателот на Синдикалната организација во Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДИССДП), Зоран Антовски, кој изнесе тврдење дека раководителот на Подружницата Скопје на ова АД, Марјан Жакула дал наредба за негово иселување од синдикалната канцеларија во која работел 14 години без да биде известен.
– Ме иселија од мојата синдикална канцеларија во која работам 14 години, без мое присуство, без да ме известат дека ќе ме селат тој ден. Моментално мојата канцеларија е празна, а во новата канцеларија ми беа сите синдикални работи фрлени на куп и не знам што точно има во документацијата, што фали и не фали, треба да доставиме до синдикална комисија да провериме дали е се во ред во моментов и дали фалат некои печати или не – рече Антовски.
АДИССДП, пак, ги демантира неговите тврдења кои вели дека се неосновани, а канцелацијата не е ниту пак некогаш била синдикална.
– Трите синдикати во изминатиот период имаа и ќе имаат загарантирани услови за непречена работа, а меѓу менаџментот и синдикатот не беа регистрирани какви било проблеми. Оттука, сметаме дека реакцијата на Антовски е недолична и пред се неколегијална, единствено мотивирана од потребата за сопственото удобство, притоа не водејќи сметка за потребите за простор на другите колеги – стои во демантот од АДИССДП.