Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска истакна дека за две до 2,5 години од завршувањето на студиите пругата од Скопје до Кичево треба да биде готова.
– После завршувањето на студиите за две до две ипол години е реално да се заврши, затоа што веќе е трасирана. Таа ќе биде комплетно нова со сигнализација и електрификација, трасата ја имаме, немаме експропријација и нема имотно прави односи што најчесто ги одлага проектите. Според европските правила се работи за Коридорот 8, значи мора да ги почитуваме овие правила. Мора да се изработи највисока еколошка студија особено што ова подрачје е заштитено и врз основа на тие податоци кои ќе ги добиеме од еколошката студија од физибилити студијата и од идејното решение ние ќе знаеме колку средства ќе чини – посочи Николовски, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата на која беше соопштено дека државата го добила случајот „Казандол“.
Појасни дека има индикативна сума во моментов за делот од Скопје до Гостивар, но замоли ако има промени за година или година ипол, да не биде цитиран од медиумите.
– Затоа велам дека е индикативна цена и таа за делот од Скопје до Гостивар е некаде над четири милиони евра по километар, што значи дека ако тоа го помножите по 79 километри, колку што има од Скопје до Гостивар, може да ја добиете сумата – рече Николовски.
На прашање од каде ќе се обезбедат пари за изградбата, рече дека сите можности ќе ги користат, број еден услов ќе биде средствата да бидат евтини, исто како што прават и со Коридорот 10.
Во врска со тоа како оди динамиката на градбата на Коридорот 8 од Тетово до Кичево, рече дека во моментов има сериозни градежни активности за изградбата на автопатот Тетово – Гостивар.
– Таму оди одлично би можел да кажам. Имаме договор со изведувачот сите 16 мостови народски кажано, односно натпатници прво да бидат изградени новите, па после тоа да бидат урнати постојните што значи нема да има ниеден дел застој во сообраќајот и одиме таму на рокот до втора половина на 2027 година овој автопат да е завршен. Во делот на Гостивар – Букојчани добив уверение на вчерашниот состанок со изведувачот дека со почеток на новата градежна сезона во март 2026 година ќе почнат да работат и од другата страна значи од кај Кичево што значи првпат во историјата на државата автопат да се работи од две страни и тие ќе треба да спојат што сериозно ќе ја забрза динамиката на изградба. Ако првично се планираше да заврши на крајот на 2029 година сега очекуваме да заврши на крајот на 2028 година- истакна Николовски.
Во моментов во соработка со Европската банка за обнова и развој, посочи, имаме активен повик за финансиски понуди за изградбата на спојката меѓу Охрид – Кичево и Букојчани – Гостивар – Тетово. Појасни дека тоа е делот од Кичево до Букојчани 11 километри, а рокот е до крајот на септември.
-Доколку имаме вовед во работа зависи од временските услови во текот на доцната есен исто така во 2028 година треба да е готов, што значи дека од Скопје преку Тетово, Гостивар, Кичево до Струга и до Охрид имаме целосно автопатско решение до 2028 година- рече Николовски.