Минатата година просечната откупна цена на доматот беше под 25 денари, а сега е 45. Само од струмичкиот регион се извезени над 13 000 тони од што се инкасирани околу 10 милиони евра. Цената на пролетната зелка не падна под 35 денари и во просек изнесува 43 денари, а од извоз се реализирани над 30 милиони евра.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски уверува дека и откупната цена на црвената пиперка „ајварка“ ќе биде рентабилна за земјоделците. Во тек е, како што вели, и жетвата на јачменот и пченицата, има зголемување на површините за разлика од лани, а се очекува и зголемен принос.
Според Трипуновски, има сериозна разлика во бројките ако се прави споредба на состојбата сега и лани и тоа производителите го чувствуваат.
-Градинарскиот сектор ја чувствува разликата. Сериозна е разликата од она каде бевме, а каде сме денес. Во делот на останатите култури, имаме позитивна нула, а во одредени сегметни и прогрес. Бележиме успех во пласманот на тутунот, лани производителите добија по 500 денари за килограм заедно со субвенцијата, од 24-те милиони килограми од реколтата влегоа 195 милиони евра. За винското грозје лозарите прв пат добија највисока откупна цена, немаше никакви проблеми со откупот, парите легнаа на нивните сметки. Цената на јаболката не падна под 25 евроценти за килограм, се откупија 90 000 тони и реализиравме 20 милиони евра прилив. Државниот завод за статистика потврди дека бројките се во прогресија. Ако се споредат првите квартали во 2024-та и 2025 година, имаме пет отсто зголемен извоз на земјоделски производи, а откупот и пласманот бележат сериозен раст од 9 до 60 отсто, зависно од културата. Бројките се охрабрувачи, овој теренд ќе продолжи што не охрабрува и мотивира со засилено темпо да го зголемуваме производството- рече Трипуновски на трибина во Струмица.
Во однос на земјоделското земјиште, потсети дека се склучени над 2 000 договори, дека се распределени околу 6 000 хектари, како и дека се раскинати повеќе од 170 договори поради неправилна употреба на земјиштето.
-Контролите продолжуваат, интенцијата на Владата е целосно да се распредели земјиштето за што поголемо производство- подвлече министерот.
И во делот на наводнувањето, напомена, има голема разлика од тоа како било порано, а како е денес.
-Наследивме разрушени системи за наводнување, една шајка не беше закована, а чистењето канали беше мисловна именка. Наследивме колабиларно АД „Водостопанство“. Во зимските месеци се подготвуваа системите за наводнување за подготвени да ја дочекаме сезоната. акумулациите беа празни, сега имаат доволно вода. Мнгоу се големи проблемите за брзо и веднаш да се решат, но има битна разлика од она што го наследивме со тоа каква е состојбата денес- истакнаТрипуновски.
Реализацијата на субвенциите ја соопшти директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР), Илија Стоилев. Информира дека 2024 година завршила со рекордна исплата на преку осум милијарди денари субвенции, а до денес, како што рече, се исплатени 9 милијарди 710 милиони денари.
-Затекнавме една ситуација во која преку една милијарда денари субвенции беа заостанати и требаше да се исплатат. Владата го препозна тој проблем и испрати силна порака кон земјоделците со алоцирање средства за оваа намена. Покажа и испрати силна порака дека нема да ги заборави, туку дека ќе им биде најголем поддржувач. Тоа по една година се потврди. Во 2024 година беа исплатени рекордни 8 милијарди и 400 милиони денари субвенции што е 85 отсто реализација на програмата за земјоделство. До ден денешен се исплатени 9 милијарди 710 милиони денари што е извонреден процент и со оглед на оваа календарска година може да се пофалиме дека околу 85 отсто имаме реализација на Програмата за земјоделство и развој за 2024 година – посочи Стоилев.
Со преземањето на функцијата, напомена, наследил неисплатени средства за продадено и произведено млеко од 16 месеци задоцнување.
-Исплативме огромни средства за увезен педигриран добиток во вредност од 165 милиони денари со што значително ќе се подобри генетскиот потенцијал во Македонија и ќе се зголеми производството на млеко. Кога ја преземав функцијата директор наследивме неисплатени средства по основ на предадено и произведено млеко во млекарниците од 16 месеци задоцнување и си дадовме задача да во еден краток период таа неправда која е направена спрема сточарите ја исправиме и во краток период исплативме 17 милиони евра по основ на предадено производено млеко- рече Стоилев.