ТИМ 40 е новата форма на здружување во Стопанската комора на Северна Македонија, чиј претседател во следните четири години ќе биде Жарко Димитриоски од маркетинг агенцијата „Еден на еден“.
Како што се наведува во соопштението од Комората, ТИМ 40 ќе работи на обединување на младите претприемачи и преку новите трендови и практики, во условите во кои функционираат помладите генерации со различна перспектива на гледање на работите, да внесе свежина и нови трендови на менаџирање и на дејствување, заради изнаоѓање решенија и заради следење успешни практики. „Еден на еден“, „Директ медија“, „Вертиго“, „ИВМ нетворк“, „Фригоколд“, „Тиго“, „Кликни-јади“ и „Точка“ дополнително, стои во соопштението, ќе придонесат во развојот и во промоцијата на претприемачкиот дух, како еден од клучните двигатели за иден економски развој.
– ТИМ 40 ги има мојата поддршка и поддршката на Комората бидејќи и политиката на најстарата и најмоќна бизнис-асоцијација, во годината во која слави 100 години постоење, покажува и докажува дека само со афирмирање и со приклучување на помладите генерации, со нивната иновативност и креативност, има потенцијал да се внесат свежина и нови трендови на менаџирање и на дејствување, изјавил Бранко Азески, претседател на Стопанската комора.
Иако стара според годините на постоење, 100 години, Стопанската комора, посочуваат во соопштението, е исклучително млада и жилава кога станува збор за креирање активности за потребите на компаниите, кои од ден на ден се менуваат во зависност од нивните приоритети и од моменталните барања на пазарот, но и од актуелните случувања на глобален економски план (корона-кризата, економската криза, финансиската криза, скапите суровини и енергенси, како и воениот руско-украински конфликт, кои ги билдаат цените на суровините на светските берзи и доведуваат и до недостиг од суровини, енергенси и сл.).
Комората ги препозна тие сигнали навреме и го воспостави концептот на иднината за забрзан економски развој на државата, модел замислен уште во 2010 година. Услови за негово целосно активирање биле создадени во 2016 година, со трансформација на внатрешните процеси, а во 2021 година, во екот на здравствено-економската криза, станал функционален и понуди нова, подинамична и современа комора, ориентирана кон иднината, во која дигитализацијата, напредните технологии и иновациите се основата на стопанскиот развој на државата.
За таа цел, како дел од активностите за одбележување на 100-годишнината од постоењето на Комората, и Советот за напредни технологии, во интерес на поттикнување на техничко-технолошкиот развој и унапредување на квалитетот на производството и на услугите поврзани со иновации и со напредна технологија, како и со примена на стандарди и на добри деловни практики во работењето, на средината на јуни годинава, ќе ја реализира Годишната конференција.
Акцентот ќе биде ставен врз три сегменти: промоција на мерките поврзани со напредните технологии, промоција на компаниите кои користат напредни технологии и промоција на Комората како субјект кој ги поврзува и ги развива онака како што е предвидено во стратешкиот коморски документ.