Советот на Народната банка ја донесе Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за задолжителната резерва, со која дополнително се зајакнува улогата на овој инструмент во поттикнување на штедењето во домашна валута и на подолги рокови. Воедно, овие промени претставуваат и дополнителна поддршка на монетарната политика на централната банка, информираше преку соопштение Народната банка.
Како што велат оттаму, со измените и дополнувањата на Одлуката за задолжителна резерва се зголемува стапката на задолжителната резерва на девизните обврски со рочност до две години од 21 процент на 22 проценти, додека за девизните обврски со рочност над две години банките ќе имаат обврска да издвојуваат задолжителна резерва по двојно повисока стапка, од досегашната 5 на 10 проценти. Истовремено се зголемува и процентот на исполнување на пресметаната обврска за задолжителната резерва врз основа на девизните обврски којашто се исполнува во евра, од 85 на 90 проценти.
– Стапката на издвојување на задолжителната резерва на обврските во домашна валута е зголемена од 8 на 9 проценти. Со цел поддршка на долгорочното денарско штедење и натамошно зголемување на стабилноста на депозитната база на банките, промените предвидуваат и нормализирање на стапката на задолжителната резерва којашто се применува на денарските депозити на физичките лица со рочност над една до две години, од тековната стапка од нула на девет проценти – информираат од НБРМ.
Оттаму додаваат дека најголемиот дел од мерките ќе се применуваат од периодот на задолжителната резерва којшто започнува во ноември 2025 година, освен кај нормализацијата на стапката на задолжителната резерва на денарските обврски со рочност над една до две години, за која е предвидена одложена примена од околу 14 месеци и можност банките соодветно да ги приспособат своите практики во овој период.
– Се очекува промените во системот за задолжителната резерва да придонесат за приспособување на каматните политики на банките заради зголемување на понудата на попривлечни долгорочни денарски инструменти за штедење на клиентите. Со тоа, дополнително ќе се зајакнат тековните поволни поместувања во депозитната база на банките, коишто водат кон зголемување на структурното учество на штедењето во денари и на подолг рок – се вели во соопштението.