Професор Ванчо Узунов/Фото: Архива

Енергетската криза предизвикана од војната во Украина и стравувањата за рецесија го доведоа еврото на најниско ниво во однос на доларот во изминатите 20 години, откако европската валута вчера падна под нивото на паритет, при што едно евро чинеше 0,9952 долари. Еврото е најбитна валута во Македонија, но нема причина за загриженост бидејќи неговиот курс не се менува, како што посочи универзитетскиот професор Ванчо Узунов, коментирајќи ја за „Нова Македонија“ состојбата на девизниот пазар.

– Не се работи за пад на еврото, туку за зајакнување на доларот, бидејќи американската економија е најмалку погодена од сегашната криза. Америка не е енергетски зависна од Русија и од Украина. САД, дури, моментно имаат т.н. „прегреана економија“ што креира инфлација. Затоа ја имаат и довербата на инвеститорите и трговците со валути, кои повеќе веруваат во доларот отколку во еврото. Сите го сакаат доларот и затоа не се тргува во евра во толкава мера – објаснува Узунов.

Универзитетскиот професор наведува дека не се очекуваат големи последици во Македонија поради состојбата на еврото.

– Македонија има најголема трговска размена со Европа, а еврото е најбитна валута кај нас. Можно е да се забележи пораст на цените на производите што се купуваат во долари, но курсот на еврото не се менува, така што нема да има големи последици и не треба да постои причина за загриженост – уверува Узунов.

Тој истакна дека Европа ќе претрпи голема штета, вклучувајќи ги Русија и Украина кои се трагично погодени поради војната.

– Европа ќе претрпи втора најголема штета, по Русија и Украина кои се трагично погодени. Кризата ќе ја платат сите европски држави, како оние во ЕУ, така и оние надвор од Унијата. Потоа ќе трпат и азиските економии, додека африканските нема да бидат толку погодени – посочува економскиот експерт.

Евентуалното смирување на војната би ја променило состојбата, но според Узунов, извесно е дека кризата се одрази врз животниот стандард на граѓаните кои ќе ги трпат и последиците.

– Како ќе се смирува војната, така ќе се менува и состојбата, но гледаме дека никој не може да влијае врз судирот. Се додека постои трае оружениот конфликт ќе постои и неизвесност, што ќе се одрази врз инфлацијата и врз цените. Сѐ зависи од околностите. Најлесно ќе поминат оние држави што имаат домашни резерви, особено во храна и во енергија. Малите економии, во кои спаѓа и Македонија, имаат поограничен простор за интервенција, и за граѓаните и за фирмите, во кризата што трае веќе три години. На пандемијата на ковид-19, која уште е присутна, се надоврзаа војната и други проблеми, а сето тоа се свали на животниот стандард. На крај, за жал, сметката ќе ја платат граѓаните – заклучува Узунов.

Дополнителна неизвесност за европското снабдување со енергенси носи и најавеното сопирање на испораката на руски природен гас за Стариот Континент преку гасоводот „Северен тек 1“ од 31 август до 2 септември.