Фото: „Нова Македонија“

Какви се ставовите на работодавците, на работниците – синдикатите, економистите, но и на пензионерите за предлогот за зголемување на старосната граница за пензионирање… Голем број реакции и многу прашања беа поставени, но остануваат и некои енигми поврзани со темата пензионирање. „Нова Македонија“ ќе се обиде медиумски да го врами ова важно прашање, да го стави на тапет пред пошироката јавност, ставајќи го на претрес пред повеќе засегнати страни и пренесувајќи ги ставовите на многумина да се собере доволно информативна граѓа за да се анализира, а надлежните да можат да донесат решенија од интерес на граѓаните

Зголемувањето на старосната граница за пензионирање како повод

Предлогот на Фискалниот совет за зголемување на старосната граница за влегување во пензија на 67 години се прошири со молскавична брзини во јавноста. Идејата да се зголеми прагот беше, благо кажана, дочекана на нож, без притоа да се разгледаат деталите и причините за него. Какви се ставовите на работодавците, на работниците – синдикатите, економистите, но и на пензионерите… Голем број реакции и многу прашања остануваат енигма на темата пензионирање. „Нова Македонија“ ќе се обиде да го долови ова важно прашање до јавноста, пренесувајќи ги ставовите на многумина, со оглед на важноста на темата.
Ќе тргнеме од Фискалниот совет како државна институција оформена минатата година за да служи како контролен механизам на власта против високото задолжување. Тој мониторира како власта го крои и менаџира буџетот, јавниот долг и укажува дали е тоа добро или лошо за финансиската одржливост. Во документот испратен во Собранието тие укажуваат дека поради растот на пензиите, од кој дел веќе започна, а второто зголемување од 2.500 денари ќе биде од пролет, ќе се направи поголема дупка меѓу приходите од придонесите и расходите за пензии.
– За намалување на фискалните ризици и за консолидација на буџетот во наредниот среднорочен период се потребни дополнителни мерки, како зголемување на работниот век на вработените, така и постепено зголемување на стапката на придонесот за ФПИОМ. Тековната е 18,8 проценти и е за 2,4 отсто помала во однос на 2008 година, кога изнесуваше 21,2 проценти. Секоја година бројот на пензионери се зголемува за 1.500 до 1.700 нови, придружено и со емигрирање на младите во странство, а со тоа и намалување на покриеноста на пензиските приходи со наплатените придонеси – се појаснува во стратегијата.
Поради овие причини од советот препорачуваат од 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање за мажи и жени на 67 години и да се зголеми стапката за пензиско осигурување до 19,5 проценти.

Можност за избор

Работодавците велат, без оглед на исходот, дали предлогот ќе се прифати или не, треба да се даде можност работниците сами да одлучат дали ќе останат да работат по возраст од 64 или 62 години.
– Главната потреба од зголемување на старосната граница за одење во пензија е намалување на дотациите од буџетот кон ПИОМ за исплата на пензиите, заради стареењето на населението, но и за намалување на активното население заради заминување на младите надвор од државата. Оваа мерка може да има и позитивен придонес за зголемување на економскиот раст. Тоа би се остварило на неколку начини. Најпрвин средствата што се издвојуваат за дотации до ПИОМ ќе може да се искористат за развојни проекти што ќе донесат поголем економски раст. Второ, зголемувањето на старосната граница ќе го одржи нивото на вработеност што ќе донесе поголемо производство, извоз и девизни приливи, но и поголемо полнење на буџетот, што е неопходно за побрз економски раст, но и за одржување на макроекономската стабилност на земјата. Трето, бидејќи платите се повисоки од пензијата, ова ќе доведе до поголема потрошувачка, која ќе влијае на растот на БДП на земјата – укажува претседателот на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров.
Тој посочува дека без разлика дали ќе се прифати овој предлог на Фискалниот совет, треба да се изменат Законот за пензиско и инвалидско осигурување и Законот за работни односи и да се дозволи пензионерите, кои сакаат, да можат да работат и покрај остварувањето на правото на пензија.
– Овде има неколку варијанти во зависност од тоа дали ќе се ограничат или не работните часови во текот на денот или работната недела и дали ќе се плаќаат и понатаму придонеси за пензиско и здравство или ќе се плаќа само персонален данок на доход. Во секој случај, можноста пензионерите да работат ја има во цела Европа, а ние заостануваме во тој процес – истакнува Димитров.
Наспроти работодавците, претставниците на работниците, односно синдикалните здруженија се против предлогот и даваат свои предлози како да се намали дупката во ПИОМ. Тие истакнуваат дека еден од начините за поголем прилив во буџетот на Фондот е да се плаќаат придонеси за сите нивни приходи, што, според нив, ќе послужи како пример за почитување на законите.
– Вакви несериозни предлози од луѓе што не се дел од работниците, а се на штета на работниците не се нови. Вакви избрзани мерки преку зголемување на стапката на придонес или продолжување на возраста за пензионирање, само и исклучиво во обем потребен за покривање на дефицитот на Пензискиот фонд, на долг план не вложувале со плод, туку, напротив, структурните проблеми останувале нерешени и проблемите се повторувале – вели претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Тие бараат мерки со кои ќе се зголеми вработувањето на младите преку одржливи работни места, од домашни или странски инвестиции и зголемување на платите, што исто така ќе придонесе за поголеми прилив во Фондот за пензиско осигурување. Исто така од ССМ велат дека со трансформација на непријавената работа во пријавена и целосен ангажман на инспекциските и други државни органи за наплата на социјалните придонеси во целост ќе се зголемат приливите во Фондот.
– Поради непријавената работа државата годишно губи 250 милиони евра, кои остануваат во џебовите на газдите. Само на овој начин социјалните фондови можат и ќе станат реални и одржливи и ќе бидат вистинска заштита и сигурност за работниците и граѓаните во услови на болест, старост, невработеност. Дотогаш не може да си играме со здравјето и животот на работниците и граѓаните, не може без нивна волја и потреба да го продолжуваме нивниот работен стаж и да ги изложуваме на опасност нивните животи со продолжување на работниот век и одлагање на заслуженото пензионирање како покритие за лошите политики долг временски период наназад – нагласува Трендафилов.

Не може да се очекува поголема продуктивност на 64 години

Против идејата за зголемување на старосната граница е и Партијата на пензионерите, кои велат дека сѐ до одлуката на Владата за зголемување на пензиите, зависноста на Фондот од државата се намалуваше, и потенцираат дека со раст на прагот за пензионирање уште повеќе ќе се намалат шансите за вработување на младите, кои ќе продолжат да се иселуваат.
– Не е реално да се очекува зголемена продуктивност од работници на возраст над 64 години. Партијата на пензионери поддржува креирање политики со кои може да се отворат нови и подолгорочно одржливи работни места, зголемување на вкупниот број на вработени, особено млади, како и редовно исплаќање плати и придонеси, како и зголемување на сите плати и реалната куповна моќ на вработените, намалување на сивата економија и зголемување на процентот што се исплаќа за придонеси од плата – укажуваат од партијата.
Економските експерти исто така велат многу е проблематично да се очекува продуктивност на возраст над 64 години, а дополнително укажуваат дека нашите пензионери живеат најкратко.
– Ако се зголеми границата за пензионирање на 67 години, луѓето би живееле во пензија само шест години, што веројатно ќе биде најкратко во светот. Во Австрија луѓето живеат во просек 18 години по пензионирањето, границата за пензионирање е 63 години, но животниот век е 81. Кога животниот век во Македонија ќе се доближи до 80 години, тогаш можеме да размислуваме за вакви промени – вели професорот Бранимир Јовановиќ и објаснува дека мерката нема да има ефект на краток рок, бидејќи резултатите од зголемувањето на границата за пензионирање се гледаат по десеттина години.
Наедно, тој укажува дека кревањето на границата за пензионирање може да биде и контрапродуктивно, и за работниците и за фирмите, да го влоши нивното здравје, да ги зголеми повредите на работа, па дури и да го намали животниот век. Дополнително, може да се намали продуктивноста на фирмите, бидејќи постарите работници не се толку продуктивни како помладите.
– Треба да се укинат сите ослободувања од плаќање даноци и придонеси и да се покачи придонесот за пензиско осигурување, кој во Македонија е меѓу најниските во Европа. И при двете овие работи, мора да се внимава зголемувањето да не падне на грбот на работниците, односно да се предвиди дека нето-платата на работниците не смее да се намали поради повисоките придонеси. Трето, мислам дека треба повеќе да се посвети внимание на конструктивни мерки, како креирање нови работни места, формализирање на неформалната вработеност и покачување на платите. Со тие мерки не само што директно ќе се зголемат приходите на фондот туку и ќе се заживее економската активност, што ќе има двоен ефект – заклучува Јовановиќ.
Во меѓувреме и најголемите политички партии ја отфрлија идејата за раст на прагот за пензионирање. Е.Р.