Привршуваат подготовките за стартот на откупот на тутунот, кој законски почнува од 15 ноември и трае до 28 февруари наредната година.
Според Кире Ристески, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија, останува 10-те откупувачи кои треба да преземат околу 22.000 тони тутун да ги верификуваат мострите, да ги истакнат на 17 ноември, и од 18 ноември да ги отворат вратите на откупните пунктови во земјава.
– Од понеделник почнуваат да се верификуваат мостирте тутун во Институтот за тутун во Прилеп. Тоа ќе трае до петок, 14 ноември. Од понеделник, 17 ноември, откупните компании ќе може да ги подигнат и на 18 ноември може да ги отворат пунктовите. Ние како Сојуз сме подготвени да почне откупот на тутунот. Имаме капацитет, односно повереници, за да ги покриеме сите ваги, а годинава во земјава се 337 откупни ваги што е најмногу досега, така што се очекува тутунот да се купи што побрзо и со добар квалитет – изјави Ристески.
Сојузот сѐ уште преговара за повисоки цени, но Ристески смета дека тутунот ќе биде подобро платен од лани.
– Со компаниите преговараме, но може да тврдам дека поради високиот квалитет на тутунот ќе биде подобро платен од ланската реколта – смета Ристески.
Поради сушата родот е намален. Откупувачите очекуваа 26.000 тони, но реколтата може да тежи најмногу до 22.000 тони, сметаат од Сојузот.
Јусуф Ибраими, тутунопроизводител од долненското село Житоше со нетрпение чека да почне откупот на тутунот. Има околу 3,5 тони квалитетен род кој, се надева, ќе постигне повисока цена, иако сушата ги намали приносите.
– Иако ги зголемивме површините годинава, сушата во летото го зеде данокот. Малку се подобри ситуацијата, за 10-ина проценти, со дождовите во септември и родот ми е околу 3,5 тони. Очекувам да постигнам повисока цена од ланската – рече Ибраими.
Со неодамнешните измени во Законот за тутун, се забранува увоз на тутун во текот на откупната кампања, од 15 ноември до 28 февруари.

































