Фото: „Нова Македонија“

Македонија интегрирана во единствениот европлатежен простор: Побрзи, побезбедни и поевтини трансакции за граѓаните и бизнисите

  • Граѓаните и компаниите во Македонија од неделава, поточно од вторникот (7.10.2025), можат да ги користат придобивките од приклучувањето на земјата кон СЕПА-регионот, откако Европскиот совет за плаќање им ги одобри апликациите на девет домашни банки во платежната шема за кредитни трансфери што се оперативни во СЕПА. Се очекува уште три банки да се приклучат до крајот на годината. Македонските граѓани и компании ќе можат да вршат плаќања на ист начин како и во земјите членки во Европската Унија, што се очекува да донесе голем број придобивки за економијата

Побрзи, побезбедни и поевтини прекугранични плаќања во евра за македонските граѓани и компании ќе овозможи приклучувањето на Македонија кон СЕПА-регионот (единствениот европлатежен простор), кој опфаќа 41 земја од Европа, што се очекува да придонесе за забрзан економски раст, натамошна трговска интеграција и намалување на доходовниот јаз на земјава со Европската Унија, како и подобрување на ликвидноста и зголемување на конкурентноста на македонските бизниси.
Граѓаните и компаниите во Македонија од вторникот (7.10.2025) можат да ги користат придобивките од приклучувањето на земјата кон СЕПА-регионот, откако Европскиот совет за плаќање им ги одобри апликациите на девет домашни банки во платежната шема за кредитни трансфери што се оперативни во СЕПА, додека се очекува уште три да се приклучат до крајот на годината.

Се намалуваат трошоците за граѓаните, се охрабруваат за електронско плаќање

Граѓаните при електронско плаќање во износ од 500 евра кон земјите од СЕПА, во просек ќе им плаќаат на банките шест пати помалку, односно околу 260 денари, наспроти 1,600 денари колку што чинеше услугата преку кореспондентното банкарство. Приливите во евра на истиот износ од земјите во СЕПА ќе се плаќаат во просек двојно помалку, односно 140 наспроти 280 денари преку кореспондентното банкарство. Ова се конкретни придобивки од интегрирање на домашните банки во европските платежни шеми во кои учествуваат давателите на платежни услуги од уште 40 земји. Притоа, банките нудат пониски надоместоци за електронските плаќања во споредба со плаќањата на шалтерите.
Трошоците на компаниите кон банките исто така значително се намалуваат. Така, за плаќање во евра кон земјите во СЕПА на износ од 20 илјади евра компаниите ќе плаќаат во просек за осум пати помалку, односно надоместокот ќе изнесува околу 570 денари, наспроти 4.740 денари преку кореспондентното банкарство. За приливите во евра на истиот износ од земјите во СЕПА, компаниите ќе плаќаат во просек тројно помалку, односно околу 390 наспроти 1.180 денари преку кореспондентното банкарство.
Девет банки веќе се целосно подготвени да извршуваат плаќања во рамките на шемата за кредитни трансфери СЕПА. Плаќањата од вторникот се овозможени преку НЛБ банка, Стопанска банка, Комерцијална банка, Шпаркасе банка, Халк банка, Прокредит банка, ТТК банка, УНИ банка и Централна кооперативна банка. А дополнителни три банки интензивно работат на интеграцијата во оваа шема и се очекува дека ќе завршат најдоцна до крајот на првиот квартал од наредната година, во согласност со рокот утврден со одлука на Народната банка.

Македонија преку СЕПА направи чекор напред во ЕУ-системот

Македонските граѓани и компании отсега преку СЕПА ќе можат да вршат плаќања на ист начин како и во земјите членки во Европската Унија, што може да донесе голем број придобивки.
– Земјава практично станува дел од СЕПА, со што граѓаните и компаниите ќе можат да вршат плаќања во евра на ист начин како и во земјите од Европската Унија. Од членството во СЕПА се очекуваат голем број придобивки за граѓаните, компаниите, но и за економијата во целина. Се очекуваат, пред сѐ, побрзи, побезбедни и поевтини прекугранични плаќања во евра. Ова е особено важно за македонската економија, која се карактеризира со висок степен на трговска отвореност и голем обем на прекугранични плаќања. Оттаму, и потенцијалот за заштеда во трошоците, за подобрување на ликвидноста и за зголемување на конкурентноста на компаниите е голем. Ова може да одигра значајна улога во процесот на натамошна трговска интеграција, забрзан економски раст и намалување на доходовниот јаз со ЕУ – истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Клучен чекор за спроведување на оваа реформа, според министерката, претставувало носењето на Законот за платежни услуги и платни системи, како и подзаконските акти, кои Народната банка ги усвои за негова имплементација.
– Овој проект е значаен исчекор кон унапредување на условите за работење и живеење во Македонија, приспособувајќи ги стандардите на нашата земја кон европските. Министерството за финансии и Народната банка ќе продолжат со реформи насочени кон економскиот развој и подобрување на услугите за граѓаните и бизнисите – напомена министерката.
Во рамките на Стратегијата за развој на платниот систем на Република Македонија во периодот од 2013 до 2017 година беа предвидени активности во насока на постепено воведување на стандардите на СЕПА во Република Македонија. Активностите се составен дел на споменатиот Акцискиот план за спроведување на Стратегијата за развој на платниот систем и се спроведуваат во рамките на работните групи на Националниот совет за платни системи на Република Македонија.
Барањето за пристапување на земјава кон СЕПА беше поднесено на 10 јули минатата година, додека апликацијата беше прифатена од страна на Европскиот совет за плаќања на 6 март годинава. Од завчера граѓаните и компаниите можат да ги извршуваат плаќањата во евра со земјите од СЕПА-регионот побрзо и поевтино.
Народната банка и Македонската банкарска асоцијација ги повикуваат граѓаните и компаниите да ги користат придобивките од подготвеноста на банките за извршување на плаќањата во СЕПА, при што во интерес на ефикасноста ги охрабруваат сѐ повеќе да ги користат дигиталните канали. Е.Р.


Што претставува СЕПА?

Единствената област за плаќањa во евра – СЕПА (SEPA – Single Euro Payments Area) претставува проект за повисок степен на интеграција на внатрешниот пазар на ЕУ, со кој се овозможува изедначување на условите за плаќањата во евра за сите учесници, независно од нивната местоположба, односно изедначување на националните и прекуграничните плаќања во евра. Овој проект е заедничка иницијатива на Европската комисија, Европската централна банка и Европскиот платежен совет, при што и евросистемот има активна улога во нејзината примена како катализатор, промотор, регулатор и извор на знаење.
Со спроведување на проектот СЕПА се очекува да се постигнат следниве цели: создавање единствен пазар за електронски плаќања во евра, во кој нема да постои разлика помеѓу домашните и прекуграничните трансакции; зголемување на ефикасноста на платните системи во земјите од зоната на СЕПА во однос на цената на услугите, едноставноста, функционалноста, сигурноста и доверливоста на платните системи; прифаќање единствени платни инструменти за кредитен трансфер и директно задолжување во рамките на целата платежна област; воспоставување техничка интероперабилност помеѓу платните системи во земјата и меѓу сите земји во зоната на СЕПА, и воспоставување техничка стандардизација. Е.Р.