Останува отворено прашањето дали тој процент на пораст (кој се добива од просечната плата и од стапката на инфлација) ја отсликува реалната куповна моќ на пензиите (особено кај потпросечните пензии), затоа што една е стапката на инфлација (општо ниво на покачување на цените), а друга е структурата на потрошувачката кошничка кај пензионерите
Пензионерите незадоволни од процентуалното зголемување, а фондот не е ликвиден за зголемување на пензиите надвор од предвиденото
Пензионерите ја зедоа септемвриската пензија зголемена за 5,3 отсто, колку што властите пресметале дека изнесува усогласувањето со трошоците за живот и со просечната плата. Тие изминатиов период излегуваа на протести барајќи линеарно покачување на пензиите за 3.500 денари и минимална пензија од 18.000 денари наместо процентуално зголемување во согласност со Законот за пензиско и инвалидско осигурување, велејќи дека овие барања се во согласност со трошоците на животот.
Според пресметките, од последното покачување најмногу добија корисниците на највисока пензија, околу 3.700 денари. Пензионерите, пак, со најниски пензии добија 700 денари.
Последните податоци од Фондот за пензиското и инвалидското осигурување се за август, тие покажуваат дека најниските пензии се движат од 11.897 до 15.250 денари. Тоа се 97.033 пензионери или, пак, 28,81 отсто од сите пензионери, кои не знаат како крај со крај да врзат.
Пензии до 16 илјади денари имаат 60.454 лица (17,95 отсто), а до 22 илјади – 86.719 (25,75 отсто). Околу 200 илјади пензионери живеат со пензии што се под минимумот од 18 илјадарки што се поставува како барање на протестите.
Износи повисоки од 22 илјади денари добиваат 92.600 пензионери (27,49 отсто). Меѓу нив се и 1.532 корисници на максималните пензии, кои се движат од 48,304 до 69.803 денари.
И покрај ова се поставува прашањето дали има простор за зголемување на пензиите, дали пензиските финансии дозволуваат зголемување на пензиите надвор од предвиденото законско усогласување?
Отворено е прашањето дали процентот на пораст ја отсликува реалната куповна моќ на пензиите
Универзитетскиот професор и академик Абдулменаф Беџети вели дека е добро што е регулирано индексирањето на пензиите да оди системски, но тоа не претставува пораст туку задржување на куповната моќ на пензиите.
– Останува отворено прашањето дали тој процент на пораст (кој се добива од просечната плата и од стапката на инфлација) ја отсликува реалната куповна моќ на пензиите, особено кај потпросечните пензии, затоа што една е стапката на инфлација (општо ниво на покачување на цените), а друга е структурата на потрошувачката кошничка кај пензиите. Обично пензиите се трошат доминантно за прехранбени производи и за домување (вклучувајќи ги и сметките), а цените на прехранбените производи се многу повеќе покачени отколку стапката на инфлација со која се врши индексирањето – нагласува Беџети.
Од друга страна, вели тој, Фондот за пензиско осигурување сѐ повеќе е неодржлив од фискален аспект, околу 50 отсто се субвенционира од буџетот, што не е во ред.
– Пензионерите може да имаат многу поголеми потреби и барања, но мора да се подвлече дека пензиите се индивидуални права, а нивната висина зависи од висината на контрибуцијата. Секој треба да зема толку колку што платил и секојпат во времетраењето на користење има компонента на солидарност. Сѐ друго е социјално субвенционирање.
Мислам дека реално треба да се објасни јавно и да разликуваме заслужена пензија од дополнителни субвенционирања, кои стануваат сѐ поголеми, а фондот сѐ понеиздржлив – посочува Беџети.
„Фајненс тинк“: Зголемувањата на пензиите е неопходно да се гледаат од призма на макростабилноста на пензиските финансии
Во анализата на институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“ се наведува дека зголемувањата на пензиите, особено зголемувањата надвор од предвиденото законско усогласување со порастот на трошоците на животот и просечната плата, е неопходно да се гледаат од призма на макростабилноста на пензиските финансии.
– Порастот на пензиите зависи од тоа дали Фондот за пензиско и инвалидско осигурување може стабилно и без ликвидносни проблеми да ги исплаќа преземените обврски кон пензионерите сега и во иднина. Моменталната состојба со пензиските финансии не дозволува зголемувања на пензиите надвор од предвиденото законско усогласување, кое е доволно за да го задржи животниот стандард на примателите во услови на растечки цени – вели Благица Петрески, директорка на „Фајненс тинк“.
Таа вели дека во услови на зголемени трошоци за живот, од особена важност е да се задржи животниот стандард на граѓаните. Во сегментот на социјалната заштита, односно социјалните надоместоци и пензиите, клучно е нивното усогласување со порастот на трошоците на живот.
– Усогласувањата на пензиите со трошоците на животот, како и ад хок зголемувањата на пензиите во претходните две децении, овозможија порастот на пензиите да го следи или да го надмине порастот на трошоците на животот и, оттука, во целост да го заштити животниот стандард на пензионерите – споменува Петрески.
Од „Фајненс тинк“ велат дека за стабилноста на пензиските финансии и за добросостојбата на сегашните и идните генерации, вклучувајќи ги и ризиците од дополнително подгревање на инфлацијата и инфлациските очекувања, од клучна важност е да продолжи патеката на стабилизација на Фондот за пензиско осигурување.
– Треба да бидеме свесни дека во друг значаен дел барањата за значајно повисоки пензии и воопшто плати на разни општествени сегменти и институции произлегоа од постојаното поттикнување реторика дека платите може да пораснат без зголемување на продуктивноста – смета Петрески.
Нема да има линеарно покачување на пензиите
Пензионерите имаат демократско право да протестираат, но за линеарно покачување на пензиите повеќе со нив нема да се разговара, истакна министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска. Работната група подготвува нова мерка за подобрување на стандардот на пензионерите, но ќе се однесува на оние со најниски пензии.
– Во овие мерки нема линеарно зголемување на пензиите затоа што линеарното зголемување не оди во прилог на пензионерите, на сите пензионери. Со новата методологија, само за една и пол година најниската пензија е покачена речиси 3.200 денари, а во согласност со растот на пензиите и натаму ќе се применува новата методологија и ќе се оди со она што ни е законско решение сега во моментот. Ќе имаме мерки што ќе значат дополнителен приход, финансиска поддршка на пензионерите, меѓутоа ќе бидат опфатени оние пензионери што се со ниски пензии и кои се во најранливата категорија – нагласи Тренчевска.
Таа е согласна дека пензиите, особено најниските, не се доволни, но вели дека секоја финансиска поддршка треба внимателно да се креира за да не се нарушат стабилноста на пензискиот систем и редовната исплата на пензионерите.