Фото: „Нова Македонија“

Нови форми против сивата економија: Дигитализација, поедноставени правила и засилен пазарен надзор како клучни алатки

  • Пораката од годишната конференција „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, одржана во средата во Скопје, беше дека целта не е репресија, туку трансформација на економијата преку создавање попривлечни услови за легално работење

Со амбиција да ја намали неформалната економија од 28,9 отсто на 26 отсто од БДП до крајот на 2027 година, Владата најави засилена и системска борба против сивата зона. Пораката од годишната конференција „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, одржана во средата во Скопје, беше дека целта не е репресија, туку трансформација на економијата преку создавање попривлечни услови за легално работење.

Половина милијарда евра годишна загуба

Премиерот Христијан Мицкоски настапи со политички остар, но концептуално умерен говор, нагласувајќи дека државата ќе биде „и цврста и праведна“. Според него, сивата економија не е апстрактен поим, туку директна загуба за буџетот и удар врз јавните услуги – од здравство и образование до пензии и инфраструктура.
– Нашата цел е формалната економија да стане попривлечна од неформалната – да биде полесно, поисплатливо и посигурно да се работи легално – порача премиерот.
Според владините анализи, државата губи околу половина милијарда евра годишно поради неформалната економија – средства што би можеле да бидат насочени кон капитални инвестиции и социјални политики.
Истражувањата на Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ покажуваат дека во 2020 година сивата економија изнесувала 23,2 отсто од БДП. Клучните причини, според нивните анализи, се нискиот даночен морал, високата корупција, недовербата во институциите и неефикасната администрација.
Владата ја прифаќа оваа дијагноза како појдовна точка – но најавува поинаков пристап.

Три принципи: поедноставување, правичност, поддршка

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска го презентираше ревидираниот акциски план за 2026–2027 година, кој се темели на три принципи:
– поедноставување – намалување на административните бариери и олеснета регистрација на бизнис;
– правичност – создавање еднакви правила за сите и адресирање на нелојалната конкуренција;
– поддршка – стимулирање на преминот од неформален во формален сектор преку олеснувања, а не само преку санкции.
Нашата цел не е репресија, туку формализација, нагласи министерката, додавајќи дека борбата мора да биде системска и координирана меѓу институциите.

Дигитализацијата како главен инструмент

Клучниот инструмент во оваа стратегија е дигитализацијата. Во тој контекст, владата најавува повеќе форми и облици на дигитализацијата, и тоа воведување е-фактурирање, електронски пријави, поврзување на институционалните бази на податоци и зголемена размена на информации меѓу надлежните органи. Целта е да се намали човечкиот фактор, да се ограничат можностите за злоупотреба и да се поедностави административниот процес. Дополнително, се најавува поддршка за микро и мали претпријатија, како и стимули за формално вработување – сегмент што традиционално е најранлив на неформални практики.

Регулатива што следи иновации

Еден од поинтересните акценти на конференцијата беше признанието дека неформалната економија често се создава во „правни вакууми“, особено во услови на брзи технолошки и деловни иновации.
– Колку помалку флексибилност и опции нудат законските решенија, толку повеќе се создава простор за појава на сива економија – беше пораката од Министерството за финансии.
Оттука, модерна и адаптибилна регулатива се поставува како предуслов за одржлив економски раст.
Но покрај фокус на новите алатки за превентива на неформалната економија, на конференцијата беше нагласен ставот за засилен фокус на високите цени во маркетите.
– Глобалните кризи не смеат да служат како алиби за прекумерни профити и неоправдани маржи. Во тој контекст, динамизирани се мониторинзите на цените на основните производи, педантно се прават длабински анализи на трговските маржи, се организираат координација и операбилност со институциите за спречување злоупотреби, а е зголемен дијалогот со трговците и производителите. Пазарната економија не значи пазар без правила – ни изјави Марјан Ристески, заменик-министер во Министерство за економија и труд.

Довербата е повеќе од економска мерка

Конференцијата испрати и поширока општествена порака. Борбата против сивата економија беше претставена како прашање на праведност, институционална доверба и конкурентност.
– Неформалната економија не само што ги намалува буџетските приходи туку создава нелојална конкуренција и ја поткопува одржливоста на јавните финансии. Во крајна линија, тоа значи помалку средства за здравство, образование и социјална заштита – но и демотивација кај оние што работат во согласност со правилата – изјавија од Министерството за финансии.
Според изјавите од министерката за финансии, амбицијата е јасна: намалување на сивата економија за речиси три процентни поени во наредните две години. Таа верува во планираните мерки, во институционалната координација и во политичката волја дека ќе бидат доволни за да се надминат структурните слабости, кои со години ја одржуваат неформалната зона. Е.Р.