Фото: „Нова Македонија“

Во првите шест месеци од годинава имаме некаде околу 13,5 проценти раст споредено со претходните шест месеци од минатата година, а во делот на странски туристи скоро 20 проценти раст, нагласи премиерот Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање по презентацијата на новите 29 лесни оклопни возила – JLTV во Касарната „Јане Сандански“ – Штип, Мицкоски истакна дека со организиран пристап и посветеност се постигнуваат резултати во делот на туризмот.

-Знам што сработивме изминатите шест месеци за после оваа туристичка сезона која ќе заврши, надвор од туристичката сезона на нашите главни туристички центри повторно ќе имаме гости кои што ќе бидат во бројка од неколку десетици илјади кои што ќе генерираат неколку стотици илјади преноќувања. Зборувам за бројка од 40, 50, 60 илјади гости кои ќе бидат надвор од сезоната и зборувам за бројка од 150, 200, 300 илјади преноќувања, нешто кое што сме го немале во минатото – рече тој.

Премиерот потенцира дека организираниот пристап дава резултати.

-Организираниот пристап дава резултати. Мораме сега да се справуваме и со ова сега кое што се случува околу Охрид, Охридското Езеро и УНЕСКО. Добивме одреден период она што зависи од нас да го отстраниме. Веќе формиравме тим кој ќе почне сериозно да се занимава со оваа проблематика. Тоа што како Влада можеме да го правиме, го правиме – нагласи премиерот Мицкоски.