Фото: Архива

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност го помина првото читање пред собраниската комисија за финансирање и буџет.

– Се предлага укинување на постојното ослободување од ДДВ за увоз на пратки со мала вредност, до 22 евра, испорачани од странство до примачи во Македонија. Предлогот предвидува и ослободување од ДДВ за мали пратки од некомерцијална природа пратени од физичко лице од странство до физичко лице – примач во земјава со вредност до 22 евра. Сепак, се предвидени и исклучоци од ова ослободување, даночно ослободување не се применува за одредени категории производи: алкохол и алкохолни пијалаци, парфеми и тоалетна вода и тутун и преработки од тутун – рече заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски кој го образложи предложениот текст пред Комисијата.

Според Јанкуловски, основна причина поради која се врши изменување и дополнување на постојното законско решение е создавање појасна правна рамка, спречување злоупотреби и пофер услови за стопанисување.

– Се задржува сепак можноста граѓаните да примаат лични пратки од странство до 22 евра без плаќање ДДВ што од социјален аспект е многу значајно – потенцира заменик-министерот.

Тој потсети дека со директива од ЕУ од 2021 година е укинато ослободувањето од плаќање ДДВ за мали комерцијални пратки.

Според пратеникот од Левица Реџеп Исмаил, овој Предлог-закон е само политички изговор со кој само ќе се удри уште еднаш по оние што имаат најмалку примања.

Комисијата даде „зелено светло“ и за Предлог-законот за претворање на побарувањата на Република Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во Јавното претпријатие за стопанисување со објектите за спорт во сопственост на Република Македонија – Скопје.