Праведната транзиција ќе успее само ако ја водиме заедно со работниците, општините, со заедниците, истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на Националниот настан за вмрежување на Локалните економско-социјални совети, каде што уште еднаш ја потврди силната определба на Министерството да работи отворено, во соработка и директен дијалог со сите засегнати страни.
Транзицијата, како што посочи Божиновска, „мора да донесе подобар живот за сите нас, а тоа е можно само ако сме отворени, достапни и ако работиме заедно“.
– Министерството е партнер за секоја општина, секоја организација, секој работник и секоја компанија што носи иницијатива. Можете да ни се обратите во секој момент, изјави министерката Божиновска.

Локалните економско-социјални совети – се платформа којашто ги обединува општините, синдикатите, бизнис-заедницата, граѓанските организации и институциите во процесот на праведната енергетска транзиција.
– Ако не работиме заедно, ако работниците, општините, локалниот бизнис и граѓанските организации не се во процесот – тогаш процесот нема да успее. Многу е едноставно – истакна министерката.
Божиновска се осврна и на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција, која веќе функционира и создава можност за финансирање локални проекти.
– Со тоа се отвора реален простор за инвестиции што ќе ја придвижат транзицијата напред. Но, мора сите вклучени чинители, посебно општините, да се поодговорни, да се понудат реални издржани проекти за да ги користиме средствата ефикасно. Нашата задача е да обезбедиме јасна политичка насока, координација меѓу институциите и поддршка за квалитетни локални проекти. Ние не сакаме транзиција само на хартија. Сакам секоја општина да има шанса да развие проект, секој работник да има пристап до нови можности, а секоја заедница да почувствува дека ова е процес што создава вредност – не страв. Затоа сме тука, затоа сме отворени – додаде Божиновска.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, како што се наведува во соопштението, останува целосно посветено на поддршка на локалните процеси, на развој на зелени работни места, нови индустрии и стабилни услови за економски раст во сите региони.

































