Фото: „Нова Македонија“

Повод: Нагласена сезонска појава на недостиг од работен кадар во Македонија

  • Недостигот од работници се чувствува во голем дел од секторите, особено оние што имаат зголемен обем на работа во летните месеци, меѓу кои секако се угостителите, но и во активностите поврзани со земјоделските дејности
  • Од агенција што посредува за работа во Хрватска и во Словенија укажуваат дека нашите работници навистина се барани во овие поранешни југословенски земји бидејќи важат за чесни, вредни, културни и посветени…

Келнери, готвачи, собарки, земјоделски работници, но и сите други што се ангажираат на одреден период, особено во летните месеци кога се отвораат повеќе работни места периодов, се бараат „под дрво и под камен“.
Недостигот од работници се чувствува во голем дел од секторите, особено оние што имаат зголемен обем на работа во летните месеци, меѓу кои секако се угостителите, но и преработувачите поврзани со земјоделските дејности.
Традицијата да се замине во странство на работа, особено во летниот период во некои од земјите во соседството каде што на големо се бараат работници за угостителскиот сектор, не замира, ниту пак стивнува. Ова е причина повеќе искусни келнери или готвачи да заминуваат во странство, каде што се нудат повисоки плати отколку во Македонија.

Угостителите очајнички се борат да ги задржат работниците

– Традиционално секое лето жестоко водиме борба да ги зачуваме нашите работници. Оние што се долги години со нас, скоро и да не размислуваат за заминување, бидејќи цела година се вработени, имаат семејства тука и со бакшишот што го добиваат, или со дополнителни тезги, успеваат да достигнат до слични суми, а некои и повисоки од платите во угостителството во земјите од околината. Сепак, сме имале обучени работници што заминале на работа во Хрватска, бидејќи платата што ја добиваат е повисока, имаат сместување, но сега веќе има и нови моменти таму, а тоа е здравствено и социјално осигурување – вели нашиот соговорник, кој многу години раководи со истакнат хотел на струшката ривиера.
Тој за „Нова Македонија“ појаснува дека на луѓето понекогаш им е потребна брза заработка, па се одлучуваат летните месеци да работат во странство, но тоа ги става во незгодна позиција да мораат да седат дома во зимските месеци или повторно да заминат на работа во некои од туристичките дестинации во околината.
– Скоро е невозможно да се ангажираат сезонци за помош во летните месеци во последните години. Се обидуваме на секој начин, но ниту младите не сакаат, ниту за да стекнат искуство. Голем број ми рекле ќе работам со Грција, ќе имам трипати повисока дневница и јадење и спиење и ќе стекнам искуство. Не можеме да им конкурираме на соседните земји со хонорарите, особено на оние што имаат море – потенцира нашиот соговорник.

Потребна е софтверска платформа за примена на Законот за привремено и сезонско ангажирање

Кај нас, неодамна беше изгласан Законот за привремено и сезонско ангажирање лица, а за негова ефикасна примена, треба да се изготви софтверска платформа, односно дигитален регистар преку кој ќе се спојуваат работодавецот, работникот и институциите.
Законот им овозможува на работодавците да ги пријават ангажираните работници за привремена или сезонска работа, за својот ангажман работниците ќе добиваат пензиски и здравствени придонеси, а државата ќе си ги наплати давачките, кои досега не можеше.
– Лицата ангажирани во согласност со овој закон нема да ги загубат веќе стекнатите права, како социјална помош, надоместок поради невработеност, семејна или старосна пензија, стипендија или право на редовни студии. Во оваа законска категорија граѓани спаѓаат: пензионери, студенти, сезонски работници, особено оние ангажирани во земјоделството, овоштарството, угостителството и сервисните дејности, како и невработените, но и вработени, потоа лицата помлади од 18 години што ги исполнуваат условите за работа, како и странците со регулиран престој – изјави пратеникот Бојан Стојановски, по изгласувањето на законот.
Сепак, лицата што сами работат како посредници меѓу оние што бараат работа и меѓу компании од светот велат тешко дека еден закон ќе може да нѐ заштити од одлив на работници, поради ниските плати во земјава.

Македонските работници се барани во земјите од поранешна Југославија

Сезонските работници се најбарани во летните месеци, особено во периодот од мај до октомври кога е во ек летната туристичка сезона, па голем број компании од Хрватска, Црна Гора, но и од подалеку уште на почетокот од годината имаа голем број настани за привлекување работници од Македонија.
Од агенција што посредува за работа во Хрватска и од Словенија укажуваат дека нашите работници се барани во овие поранешни југословенски земји бидејќи важат за чесни, вредни, културни и посветени.
Симона Цветковска, која е специјалистка за човечки ресурси во „Мацедо ХРМ“, агенција што посредува за работа во Хрватска и во Словенија, вели дека не се само платите причина што луѓето одат во странство за да работат.
– Најголемиот мотив секако се повисоки примања и заштеда. Но шест месеци надвор некому му значат и од психолошки аспект. Дополнително, имаат можност да напредуваат, да добиваат и менаџерски пoзиции, што тука е потешко. Скептична сум дека тука би ја добиле истата плата колку во Хрватска и дека за месец-два би напредувале во работата. Имаат и можност да избираат – а многумина сакаат да работат на плажа или во поголем град и слично – вели Цветковска.
Познавачите укажуваат дека во Хрватска како земја од Европската Унија веќе во голема мера се присутни и работници од подалечни земји, азиските земји и слично, кои работат честопати во угостителството каде што најмногу недостигаат работници.
– Последниве години има голем наплив на работници од Виетнам, од Кина, од разни земји. Најчесто работат во кујна, не како готвачи, туку во другите сектори, но има и такви што остануваат во Загреб цела година, кои тука работат со договор низ целата година, не само во сезоната. Имаме голем наплив на работници од источните земји и најголем дел се со целосна документација и средени документи за престој – посочува еден угостител од Загреб. Е.Р.