Една милијарда евра директни странски инвестиции до крајот на изминатата година се остварливи, смета првиот човек на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо. Во изјава за МИА, тој вели дека е потребно да се стремиме кон поголем квалитет кај идните инвеститори, за што државата треба да инвестира во соодветно образование и постојано да ја унапредува бизнис и инвестициската клима.
– Износот на странски директни инвестиции, сам по себе, е добар показател за економските процеси и состојби во земјата. Дополнително, ако се земе предвид дека на глобално ниво приливот на странски директни инвестиции годинава бележи сериозен пад, а според анализата на Виенскиот институт во Централна, Источна и Југозападна Европа, во трите претходни квартала споредено со истиот период лани е за 44 отсто помал во однос на бројот на гринфилд проекти, а 39 проценти помал генерално од аспект на вредноста на најавени гринфилд проекти. Исклучок е само Молдавија која има раст, додека соседна Албанија има пад од дури 88 проценти на инвестициски проекти – појаснува Мизо.
Неопходно, според него, е да се направи длабинска анализа во што точно ќе биде инвестирана оваа сума, во кои сектори и за каков вид проекти и колкава вредност додаваат истите. Добар дел од приливот на директните странски инвестиции, како што посочува, се должи на веќе присутните инвеститори во земјата, кои по политичката стабилизација гледаат дополнителна можност за зголемување на својот капитал во земјава.
– Сметам дека е побитно, наместо најавите за инвестиции, од кои многу во минатото не ни започнаа, да се гледа повеќе на износот на вистински, реализирани инвестиции. Она кон што треба да се стремиме е зголемен квалитет на идните инвестиции, нивниот степен на технолошки развој и целокупното знаење кое го носат тука. За да бидеме подготвени да привлечеме вакви квалитетни инвестиции, треба државата да инвестира во соодветно и неопходно напредно образование, постојано да ја унапредува бизнис и инвестициската клима, и тоа од сите аспекти, како би била атрактивна за нови инвеститори, но и за проширување на активностите на постојните инвеститори во државата – вели Мизо.
За привлекување инвестиции на краток и среден рок, според Мизо, потребна е сеопфатна стратегија и екипирање на тимот со соодветен професионален кадар, вклучувајки и луѓе со практично искуство од таргетираните сектори, по примерот на успешните земји од регионот и пошироко.
– Креирање робусен и обединет систем на грижа за опслужување на постоечките инвеститори за брзо и ефикасно адресирање на предизвиците со кои тие се соочуват, како и детална информираност за нивните планови, проблеми и можности ќе доведе до дополнителни опции за реинвестирање од нивна страна – додава претседателот на Советот на странски инвеститори.
Глобалниот минимален данок бенефит во државниот буџет, прифатен од компаниите како нова реалност
Глобалниот минимален данок од 15 отсто претставува можност за државата да оствари бенефит за буџетот, но и со брзи и ефикасни мерки да добие на конкурентност како за присутните инвеститори, така и за идните, кои би ги привлекле. Тој носи и предизвици за дел од мултинационалните компании кои се присутни тука, но Мизо не гледа ризик за одлив на инвестициите поради ова.
– Не гледам ризик за одлив на инвестициите од земјава, но сепак институциите и органите кои работат во делот на промоција, привлекување и грижа за странските инвеститори треба да имаат активна улога во разјаснување на регулативата, како и вистиниски да ги разберат и промовираат потребите и интересите на овие компании, бидејќи тоа е всушност сржта на нивното постоење и работа – истакнува Мизо за МИА.
Посочува дека на последниот состанок на Советот на странски инвеститори со економскиот тим на Владата добиле уверување дека наскоро ќе биде предложено сеопфатно законско решение, а подзаконските акти дополнително ќе следат.
– Според последните информации, новиот Закон е веќе изгласан и стапи формално во сила, а ќе се однесува за 2024, за што директно апелиравме кога првично ја покренавме оваа дискусија пред речиси три години. Паралелно со ова се очекува и адаптирање на субвенциите за корпоративен данок, кои дел од овие фирми ги користат како би се постигнала погоре посочената предност. На овој начин дополнителниот данок ќе се плати и слее во државната каса кај нас, наместо ние како држава да го изгубиме овој приход. Дополнителниот данок до 15 проценти, фирмите во секој случај мора да го платат и за нив е неутрално во која јурисдикција тоа ќе се пресметува. Секако дека за нашата држава е подобро да не субвенционираме данок на добивка во државите – централи на овие фирми каде индиректно не постои никаква стимулациска природа за мајката фирма која одлучува за инвестициите во Македонија. Ова ќе значи дека наместо на фискални даночни поволности и ослободувања во арсеналот на алатки за привлекување на нови инвестиции треба да се изнајдат посовремени и атрактивни опции – истакнува Мизо.
Економската состојбата во Германија се одразува на нашата економија, потребно е изнаоѓање нови трговски земји-партнери
Германија веќе втора година по ред се соочува со пад на Бруто домашниот производ, до степен каде Калифорнија е на пат да ја престигне како четврта најголема светска економија, после САД, Кина и Индија. Падот на германската економија и нејзините најслаби економски резултати меѓу развиените земји оваа година има многу причини. Сега, најголемата економија во Европа се соочува со повеќекратни транзиции потребни за да се одговори на овие предизвици. Економската состојба во Германија веќе се одразува на македонската економија, особено ако се има предвид дека половина од македонскиот извоз е од странските фирми добавувачи во автомобилската индустрија, а 40 проценти во првите 10 месеци од 2024 година од вкупниот македонски извоз е насочен кон Германија.
– Во првите 10 месеци на 2024 извозот кон Германија бележи пад од 13,5 отсто споредено со 2023, а вкупниот македонски извоз во истиот период е паднат за 5,6 проценти. Со оваа состојба ќе се соочуваме се додека не се подобри економската состојба во Германија. Истовремено, ова е уште еден дополнителен индикатор за неопходноста за диверзификација на нашиот извоз и изнаоѓање нови трговски земји-партнери за пласман на македонските производи, но и нови сектори на кои ќе се потпираме за иден раст и развој на економијата. Можно е во иднина да има потреба и за поголема, посебно дизајнирана поддршка од државата за секторите што ќе се погодени во поголеми размери, а имаат сериозен импакт на националната економија и животниот стандард тука – вели првиот човек на Советот на странски инвеститори.
Според последната анкета од Германскиот економски институт IW, германските бизнис здруженија ја гледаат нивната сегашна ситуација како полоша отколку пред една година и остануваат песимисти во врска со случувањата во наредната година. Германските здруженија се песимисти дека во 2025 година ќе се генерира реален раст. Високите трошоци за енергија, труд и материјали, покрај прекумерната бирократија, се товар врз компаниите и им отежнуваат да останат во чекор со меѓународната конкуренција. Според Институтот, неизвесната глобална ситуација го попречува извозот, додека политичкиот хаос дома ги влече инвестициите надолу.
Не се очекуваат отпуштања во компаниите од автомобилската индустрија, природно испразнетите места нема да се пополнуваат со нови
Претседателот на Советот на странски инвеститори, не очекува отпуштање работници во македонските компании кои се занимаваат со производство на делови за автомобилската индустрија, но можно е намалување на обемот на работа, а со тоа да се намали бројот на вработени преку природна флуктуација.
– Имајќи ги предвид последните информации и случувања, барем кај нас, не очекувам бран отпуштања сличен на оној во Германија или релативно пресликување на бројките за најавени редукции во бројот на вработени за наредниот период во автомобилската индустрија. За илустрација, некои од најголемите добавувачи на компоненти како Bosch, Continental, Forvia, Michelin, Schaeffler, Valeo и ZF најавија кратење на повеќе од 50,000 работни места до 2028. Она што е реално да се очекува е дека дел од компаниите кај нас ќе се соочат со предизвик каде работните места, кои трпат природна флуктуација, заминувања на вработени од различни причини, нема веднаш, а потенцијално и во подолг временски период, да бидат пополнети. Ова може да резултира во помал вкупен број вработени во секторот кој во моментов кај нас брои околу 35.000 работници. Апсолутната крајната бројка секако ќе зависи од тоа колку компании се во моментов во инвестициски циклус и процес на добивање нови проекти или екипирање на тимот за нивна реализација, наспроти работа на проекти кои се подолго време во сериско производство – појаснува Мизо.
Фокусот кај голем број компании, според него, ќе премине кон општа оптимизација во работењето, која меѓу другото, вклучува и рационализација на трошоците по различни основи, лимитирање на службени патувања, дел од непотребните обуки и слично.
– Имајќи ја предвид изложеноста на нашата економија кон автомобилската индустрија во Германија, сметам дека во следниот период треба што поскоро заеднички, инвеститорите и државата, да подготват стратегија за амортизирање на оваа криза, но и на претстојните економски потреси, кои и натаму ќе ги гледаме, како во Германија, така и во други земји од европскиот пазар. Единствено со ваков локален пристап и проактивност може да се справиме со надворешните економско-трговски ризици и да ја зголемиме издржливоста, но и конкурентноста на земјава за ваков вид инвестиции – посочува Мизо.