Земјоделските експерти со години укажуваат дека површините со житни и други земјоделски култури се намалуваат, а тенденцијата на намалување на производството на пченица ќе биде присутна и во иднина. Поради тоа, потребна е долгорочна стратегија за зачувување на домашното производство за да можеме во какви било околности, како војни, временски непогоди, да имаме доволно за прехрана на нашето население. Во спротивно, стануваме држава што е лесен плен, и политички и економски

НАМАЛЕНИТЕ ПОВРШИНИ И ПРИНОСИ ОД ЗЕМЈОДЕЛСКИТЕ КУЛТУРИ КАКО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ

Жетвата на житото во Македонија е на самиот крај, но приносот на пченицата и на јачменот оваа година потфрли. Разочарани се земјоделците од Штипско и Овчеполието, бидејќи недостигот од врнежи во периодот на вегетација, како што велат тие, го редуцирало годинашното производство на едвај два-три тони по хектар ожнeана површина, а тоа ни од далеку не е доволно за рентабилно производство. Земјоделците велат дека не се исплаќа да се работи поради скапото ѓубриво, скапата нафта, двојно повеќе се поскапени репроматеријалите, а Владата не помага премногу да се заштити домашното производство.
Земјоделските експерти со години укажуваат дека површините со пченица, но и со другите земјоделски култури се намалуваат бидејќи производните цени со години се повисоки од продажните, дополнителен проблем настана и со руско-украинската војна, која предизвика раст на цените на суровините, наедно тие велат дека не смеат да се заборават и климатските промени, бидејќи може да дојде до ситуација да исчезнат културите што сега се одгледуваат поради промената на климата, а земјата мора да го одржува и поттикнува домашното производство.
Состојбата во земјоделството, според инволвираните, не може да се надмине прекуноќ, ниту, пак, да се реши само со одлука за поттик на домашното производство. Нашите соговорници укажуваат дека планското производство може да има ефект, но предупредуваат и на недостатоците и опасноста по стивнувањето на кризата состојбите повторно да се вратат на старо и да се заборави на потребата од домашно производство.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ветија дополнителни субвенции за есенската сеидба на житото, но и дополнителна поддршка до 100 евра по хектар за зголемен принос на житни култури за оние што ќе го предадат во домашни преработувачки и откупни капацитети.

– Овие промени во активностите на Министерството за земјоделство во поглед на зголемување на нашето производство на жита повеќе се изнудени од новонастанатата ситуација во светот отколку што искрено се создадени за да се обезбеди сигурност во обезбедувањето храна за нашите граѓани – истакна Љупче Станковски, претседателот на здружението на земјоделци „Агрофаланга“.
Тој додава дека и самата глобализација и зачленувањето на Македонија во Светската трговска организација наметнаа правила да не смееме да вршиме протекционизам или форсирање на домашните производи, преку зголемени такси на увоз на тие што потекнуваат од другите држави, па дури и да не се користи слоганот „купувајте македонски производи“, додавајќи дека на тој начин нашето неконкурентно производство полека почна да се уништува и пропаѓа.
– Тенденцијата на намалување на производство на пченица ќе биде присутна и во иднина, сѐ додека не направиме стратегија за зачувување на домашното производство за да можеме во какви било околности, како војни, временски непогоди, да имаме доволно за прехрана на нашето население. Во спротивно, стануваме држава што е лесен плен, и политички и економски, опасност што претстои во случај на глад, ако дојде до прекин на глобалните синџири за испорака на храната – објаснува Станковски.
Според него, покривањето на нашите потреби за пченица на годишно ниво треба да ни биде приоритет и стратегиска цел. Кога овие цели ќе станат приоритет на државата, тогаш може да се премине кон искористување на сите потенцијали што можат да го зголемат производството по единица површина, а тоа се системи за наводнување, модерна технологија, навремена заштита од болести итн.

– Додека не се решат најважните проблеми за житопроизводителите, не може да очекува тие да инвестираат или да прошируваат во нова технологија и опрема. Ако се случи ова, производителите ќе останат незаинтересирани и излезот ќе го бараат во промена на културите или откажување од земјиштето – вели Станковски.
И Илија Каров, професор на Земјоделскиот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, вели дека е неопходна долгорочна стратегија што ќе создаде услови за поддршка на домашните производители и за стимулирање на домашното производство.
– Потребна е стратегија што ќе каже како ќе се развива земјоделскиот сектор во следниве пет-десет години и таа треба да е транспарентна, а во нејзиното правење да учествуваат луѓе што вложиле многу знаење и труд во аграрот. Не треба државата само да гасне пожар, туку да создава предуслови за развој на сите земјоделски гранки – нагласува Каров.