Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Со потпишувањето на „Декларацијата Скопје“ испраќаме силна порака дека регионот не е само следбеник на глобалната транзиција, туку нејзин активен двигател. Оваа Декларација е патоказ на нашата посветеност, за побрза зелена транзиција, за регионална поврзаност, за инвестиции во иновации и човечки потенцијал, истакна вечерва министерката за енергетика, рударство и минерални ресурси Сања Божиновска.

„Декларацијата Скопје“ ја потпишаа министерката Божиновска, претставникот на Програмата за развој на ОН, Армен Григорјан и директорото на Дивизијата за одржлива енергија (UNECE), Дарио Лигути, на затворањето на 14. Меѓународен форум за енергија и одржлив развој.

Министерката Божиновска рече дека во изминатите три дена Скопје беше глобалната сцена на енергетската визија и дијалогот за одржлив развој. Посочи дека Форумот обедини повеќе од 500 учесници, од над 70 земји, со над 150 говорници, кои преку 35 тематски сесии и панели, донесоа идеи, решенија, и конкретни чекори за иднината на енергетскиот сектор.

– Она што го видовме овде беше синергија на знаење, соработка и амбиција. Форум кој покажа дека кога институциите, науката, бизнисот и меѓународните партнери ќе седнат на иста маса, настанува промена. Нашиот заеднички фокус беше јасен, безбедна, зелена и одржлива енергетска иднина. Клучните насоки од „Скопје Декларацијата“, ќе ја објавиме, ќе може да ги прочитате сите. Тука има нови развојни насоки во енергетскиот сектор, има енергетско планирање, системска интеграција, одржлив развој, решенија базирани на природата иновации, дигитализација, вештачката интелегенција, интегрирањето на решенија базирани на природата во енергетското планирање, вклучувајќи одржлива биомаса обновување на еко системите, зелената инфраструктура – рече Божиновска.

Таа потенцира дека е горда што токму од Скопје од срцето на Балканот тргнува нов импулс на енергетска соработка солидарност и визија. Ова, истакна Божиновска, е доказ дека Македонија може да биде платформа на идеи што го менуваат регионот.

– Искрена благодарност до ОН, УНДП, партнерите институциите, академската и деловната заедница, и сите што придонесоа за реализација на овој извонреден форум. Четиринаесеттиот Меѓународен форум за енергија и одржлив развој, ќе остане запаметен како место каде што не само што зборуваме за иднината, туку ја започнуваме. Да продолжиме заедно со знаење, храброст и  визија. Да ја градиме енергетската иднина што ја заслужуваат нашите граѓани – додаде министерката Божиновска.

Меѓународниот форум за енергија за одржлив развој почна на 28 октомври во организација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, УНДП и петте регионални комисии на Обединетите нации (UNECE, UNECA, ESCAP, ECLAC и ESCWA), а на него присуствуваа владини претставници, експерти, претставници на меѓународни организации, финансиски институции и индустриски лидери – клучните луѓе што ја обликуваат енергетската иднина на регионот и пошироко.