Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков, го потпишаа новиот Колeктивен договор.
– Зголемување на платите на давателите на услуги во јавните установи за деца за 15 отсто и нивен континуиран раст со секое зголемување на минималната плата е една од најактуелните новитети во новиот колективен договор – велат од Министерството за труд и социјална политика.
Исто така, потенцираат од МТСП, се надминува проблемот со работното време на воспитувачите и негователите за реализирање на другите програмски активности во други просторни услови во установата или надвор од неа.
– Се обезбедува регрес за годишен одмор, четири часовно платено отсуство од работа во текот на месецот за извршување на итни, лични и неодложни потреби, се зголемуваат правата за слободни платени работни денови во текот на календарската година, се воведуваат јубилејни награди за работа во градинката – информираат денеска од Министерството за труд и социјална политика.
Новиот колективен договор предвидува учество на синдикален претставник во повеќе комисии во установата формирана од страна на директорот, се воспоставува право на приправникот приправничкиот испит да го полага по втор пат и се зголемуваат роковите за пријава на огласи за вработување во градинките.
Со него, детално се уредува начинот на распоредување на работникот и обврските на работодавачот и се зголемуваат обврските на работодавачот во делот за безбедност и здравје при работа, надминување и трајно решавање на проблемот на помошно техничките лица во делот на платите и нивен континуиран раст со зголемувањето на минималната плата.
Договорот предвидува и зголемување на додатоците и надоместоците на плата и се зголемуваат правата на работниците за време на штрајк.
Според МТСП, на креирањето на новиот колективен договор работела работна група во состав на претставници на Министерството и СОНК.
Потписниците на договорот, министерката Тренчевска и претседателот на СОНК, Неделков, изразиле уверување дека новиот колективен договор претставува унапредување на правата на давателите на услуги во детските градинки.