Просечна инфлација во периодот јануари – јули годинава изнесува 10,9 отсто, за што најголем удел од три четвртини, имаат растечките цени на храната и енергијата.

Од Народната банка објаснуваат дека динамиката на инфлацијата и натаму главно е одраз на фактори на страната на понудата, односно на порастот на увозните цени на храната и енергијата, вклучително и на домашната цена на електрична енергија, која е под влијание на случувањата во глобалниот пазар на енергија. Сепак, со оглед на долготрајноста на овие трендови, ваквите притисоците брзо се прелеваат врз цените и на останатите производи и услуги и дополнително ги подгреваат инфлациските очекувања, што упатува на потребата од водење претпазливи домашни политики.

Сепак, месечната промена на потрошувачките цени покажува одредено забавување, а голем дел од месечниот раст се должи и на донесената одлука за промени во регулираната цена на електричната енергија. Воедно, годишната динамика на базичната инфлација остана стабилна. Исто така, најновите податоци и очекувања на светските пазари навестуваат постепено стивнување на ценовните притисоци, односно очекувањата за цените на храната се ревидирани надолу, додека кај цените на нафтата се очекува стабилизирање на крајот на 2022 година, а потоа и нивно намалување. Сепак, ризиците на страната на понудата, особено во поглед на идните движења на цените на енергијата и храната и натаму се значително изразени поради воените случувања во Украина, со што останува голема и неизвесноста поврзана со пренесените ефекти врз домашната инфлација.

Според податоците на Државниот завод за статистика, трошоците на живот во јули годинава во однос на јули лани се зголемени за 16 отсто, а цените на мало бележат раст од 14 проценти.

Во однос на јуни годинава, пак, трошоците на живот пораснале за 1,9, а цените на мало за 2,5 отсто.


Девизните резерви близу 3,2 милијарди евра

Девизни резерви на крајот на јули годинава изнесувале околу 3,2 милијарди евра и во однос на претходниот месец бележат зголемување за 80,5 милиони евра.

Најголем дел од девизните резерви се пласирани во хартии од вредност (70,3%) по што следуваат валутите и депозитите (17,7%) и монетарното злато (12,0%).

Девизните резерви, спроред Народната банка, се одржуваат во сигурната зона, а нивното ниво ги задоволува барањата за адекватност согласно со меѓународните стандарди. За ова придонесува високото ниво на девизните резерви во претпандемичниот период и натамошниот раст во двете години од пандемијата.

Движењата на девизниот пазар засега се поволни, односно притисоците од енергетската криза во моментов се значително намалени, додека приливот на девизи на менувачкиот пазар во овој период е значително повисок од очекувањата. Во вакви околности, Народната банка во текот на јули и август интервенира со откуп на девизи, што дополнително го зголемува нивото на девизни резерви.