Фото: „Нова Македонија“

Раст на цените на патарините во соседството – трошоците за патување повторно се зголемија

  • За потсетување, од оваа година растат трошоците за патарини во Србија и во Грција. Поскапувањето кај нашиот јужен сосед достигнува 20 отсто, па сегашните цени прават голема разлика, особено за македонските туристи што патуваат на некои од тамошните летувалиште. Соседите најавија и започнаа да применуваат повисоки цени на патарините, но за домашните граѓани патарините не се единствениот проблем. Голем дел наши соговорници потенцираат дека проблемот не е само во поскапувањето на патарините туку и во растот на сите цени генерално

По завршувањето на празниците, кои, според традиционалните македонски обичаи, би требало да се прославуваат дома, во рамките на своето семејство и најблиските, граѓаните повторно активно почнаа да размислуваат за тоа како по претстојниот период на работа и професионални ангажмани, повторно ќе користат денови на годишен одмор, имено слободни денови што се остаток од минатогодишниот годишен одмор.

Претстојните патувања со зголемени трошоци

Патувањето за „вториот дел од ланскиот одмор“ кај граѓаните е веќе во план, вклучувајќи ги и калкулациите за трошоци за патување и престој надвор од нашата држава. Но, според едноставните математики, трошоците за патувањата оваа година ќе бидат поголеми, и за оние што сакаат да заминат на север, но и за оние граѓани што планираат да патуваат на југ. Имено, соседите најавија и започнаа да применуваат повисоки цени на патарините, но за домашните граѓани патарините не се единствениот проблем. Голем дел наши соговорници потенцираат дека проблемот не е само во поскапувањето на патарините туку и во растот на сите цени генерално. Неколку наши соговорници посочија дека поскапувањето на сместувањето во последните години е големо и дека цените се повеќе од двојно зголемени, поради што одморот станува преголем товар.

Граѓаните се приспособуваат на поскапувањата

– Растот на цените на патарините во Грција, но и во Србија, сам по себе, не е удар за домашниот џеб, но кога на тоа ќе се додаде дека речиси сѐ е поскапено, дека цените на сместувањето се двојно зголемени, па дури и повеќе од двојно последниве години, тогаш ова поскапување дојде како јагода на шлагот – вели четириесетгодишната Ангела Д., која потенцира дека бидејќи сумата за патување се зголемува од година на година, ќе мора да бидат повнимателни во другите трошоци за да можат да патуваат.
Друг наш соговорник посочува дека наспроти досегашната пракса да патуваат двапати на летување и по можност еднаш во зимските месеци, на прошетка или во природа без да практикуваат ски-спортови, поради растот на трошоците ќе мора да разгледаат поинакви опции за патување или да ги сведат само на две патувања во годината.
– Со оглед на тоа што имаме две мали деца, дополнително платите не ни се превисоки, секое зголемување на трошоците ќе удри и по нашите џебови. До минатата година успевавме некако да летуваме двапати годишно и една прошетка во некои од планинските дестинации, без зимски спортови, и тоа траеше пет години, по доаѓањето на нашиот втор син. Но, веќе забележуваме дека финансискиот товар е преголем, а тоа најмногу се должи на трошоците за сместување, но и растот на цените на храната, како кај нас, така и кај соседите. Сега, со зголемувањето на цените на патарините, не значи дека секое патување ќе биде значително поскапо, но бидејќи сѐ поскапува, голема е веројатноста да мораме да ги намалиме нашите екскурзии во природа – вели 36-годишниот Давид Тодоровиќ.
Но од поскапувањето не се погодени само семејствата со мали деца, слични ставови имаат и повозрасните граѓани. Тие кратко посочуваат дека ретки се можностите за прошетка или за одмор и дека со поскапувањето последниве години, не им остануваат пари за уживање и екскурзии.

Колку чинат патувањата во Грција и во Србија по поскапувањата?

За потсетување, од оваа година растат трошоците за патарини во Србија и во Грција. Поскапувањето кај нашиот јужен сосед достигнува 20 отсто, па сегашните цени прават голема разлика, особено за македонските туристи што патуваат во некои од тамошните летувалиште.
Нови цени има уште од самиот излез од Македонија, поточно на првата наплатна рампа, лоцирана на само 500 метри од границата. Тука трошокот за автомобили сега изнесува 2,95 евра, што е зголемување за 55 центи. На обиколницата во Солун (Ореокастро), патарината за автомобили сега изнесува 0,65 евра, додека кај Аспровалта цената е зголемена од 1,1 на 1,4 евра.
Во продолжение даваме приказ на тоа колку изнесуваат патарините на различни дестинации. За патување од Солун до Атина, трошокот за патарини надминува 30 евра. Имено, треба да се поминат 11 рампи и точната сума изнесува 33,25 евра.
Ако патувате преку обиколницата, вкупниот трошок е 3,60 евра (2,95 на Евзони и 0,65 на обиколницата). Преку центарот на Солун се плаќа само на Евзони. Ако некој патува кон островот Тасос, од граница Богородица–Евзони дотаму има пет наплатни рампи, со вкупна цена од 8,55 евра. Ако патувате преку Дојран, трошокот е 5,90 евра.
Кога се патува пак кон островите на Јонско Море, трошокот е уште поголем. Кон Лефкада има осум наплатни станици и вкупниот трошок изнесува 17,1 евра. Додека кон Крф, Парга и Врахос за патарините трошоците сега ќе достигнуваат 13,25 евра.
Дополнително, повисоки цени ќе има и во соседна Србија, каде што е воведено линеарно зголемување на цените за сите категории возила на автопатиштата, како и за одредени товарни возила на регионалните патишта. Нови цени важат за сите делници, при што износот на надоместокот се зголемува врз основа на должината на патната структура (мостови, вијадукти, тунели) што ја преминува возилото. Јавното претпријатие „Патишта на Србија“ го објави новиот ценовник, па, така, за патување со патнички автомобил, трошоците за патарини од Белград до Врање изнесуваат 1.850 динари (претходно 1.700 динари). Додека пак за патарини од Прешево до Ниш (исток) ќе платите 830 динари, а за возење преку „Милош Велики“ (одредени делови): до 720 динари. Грубо тоа би било половина цена, ако претворате во денари, значи 930, 415 или 360 денари.
Патарините во нашата земја беа зголемени пред неколку години, засега нема најави за нов раст на цените, но тоа не можеме да го потврдиме, бидејќи и покрај прашањата, не добивме одговор дали се планираат промени на цените на патарините. Е.Р.