Превозниците укажуваат дека поскапувањето на автобуските билети било неминовен чекор, имајќи предвид дека сметките за електрична енергија биле драстично зголемени, а дополнително се зголемуваат и цената на нафтените деривати и другите потреби за автобуски превоз. Сметаат дека ниту нелојалните конкурентни нема да останат на истите цени, со оглед на поскапите влезни трошоци во превозот
Веста оти поскапува меѓуградскиот автобуски превоз во Македонија ја загрижи јавноста, особено имајќи предвид дека инфлацијата веќе достигна шест отсто, а дополнително се очекува и раст на „замрзнатите“ цени на одредени продукти од следниот месец. Растот на цените на производите, на енергентите и нафтените деривати сѐ повеќе го истенчува „паричникот“ на граѓаните, а опциите за намалување на трошоците може да ги поттикнат лицата со ниски примања да побараат алтернативи со кои ќе ги намалат сопствените трошоци. Дали овој нов бран поскапување ќе ги поттикне граѓаните да најдат поевтин превоз, меѓу кои и пронаоѓање нелегални превозници што нудат превоз од еден до друг град во земјава, допрва ќе видиме. Ова особено ги засега студентите, оние што патуваат до Скопје секој работен ден, но и нашите сограѓани од градовите во близината на Скопје, кои работат во главниот град, но патуваат секој ден бидејќи живеат во Тетово, Гостивар, Куманово, Велес…
Превозниците укажуваат дека поскапувањето на автобуските билети било неминовен чекор, имајќи предвид дека сметките за електрична енергија биле драстично зголемени, а дополнително се зголемуваат и ценaта на нафтените деривати и другите потреби за автобуски превоз.
– Цените на горивата, на гумите, на резервните делови за автобусите, на сите трошоци во автобускиот превоз се толку големи, што превозниците беа принудени да ги зголемат трошоците. Со цените што досега ги превезувавме патниците не беше можно да опстанат превозниците и моравме да ги поскапеме. Дали стравуваме дека со ова повеќе патници ќе заминат кај нелегалните превозници, не би можел да коментирам, но тој сегмент стана небитен, во споредба со растот на трошоците. Чисто за споредба би потенцирал дека превозот од Гостивар или од Тетово до Скопје е поскапен за 30 денари. Но превозниците им понудија на патниците што секој ден патуваат и различни поволности, па има опции за голем попуст за оние што патуваат редовно, односно секој ден. Што се однесува до дивите превозници, не верувам дека и тие ќе останат со истите цени, бидејќи се зголемуваат сите влезни трошоци во превозот. Не е само кај нас поскапувањето, проблемот е глобален, сѐ што користиме е од увоз, цените на светско ниво се зголемени, и ние мора да ги покриеме трошоците за превозот – објаснува Масер Омерагиќ, сопственик на компанијата „Руле турс“.
Тој дополнува дека и претходно одредени компании во моменти кога цените на нафтените деривати на струјата не биле олку високи пристапиле кон зголемување на цените на превозот. Затоа Омерагиќ потенцира дека сега било неизбежно поскапувањето, бидејќи компаниите работеле под прагот на рентабилноста.
– Реално сметам дека за проблемот со сивата економија треба да се бараат решенија и тоа треба да го прават институциите. Ние ги почитуваме законите и, секако, сметаме дека и другите треба да работат во согласност со правилата и да имаме фер конкуренција – вели Омераѓиќ и додава дека се пратени предлози во владините тела во насока на можни решенија за сите страни, со цел да се намали ценовниот притисок врз компаниите и врз корисниците.
Граѓаните велат дека поскапувањето ќе ги погоди, особено оние што земаат мали плати и кои за да почнат со работа патуваат до главниот град или во некое друго пооддалечено место од домот. Има голем број граѓани што живеат во Тетово, Гостивар, Куманово и Велес, а работат во Скопје, па растот на цените на превозот им ги зголемува режиските трошоци. Еден жител на Куманово посочува дека трошоците за живот растат многу побрзо од платите и дека голем број жители од градот секојдневно патуваат до главниот град за да работат, но со поскапувањето на превозот нивните примања се намалуваат.
– Сега станува неисплатливо, особено за помалку платените граѓани. Патувам до Скопје за повисока дневница, повисока од Куманово, но сега, ако треба да се плаќаат триста денари за да стигнеме и да се вратиме во Куманово, не знам дали ќе се исплати. Сѐ поскапува, само платите стагнираат. Не знам дали ќе продолжам да патувам до Скопје секој ден, ќе видиме на крајот од месецот – вели шеесетгодишниот Радован Т.
Социологот Илија Ацевски, за „Нова Македонија“, и претходно објаснуваше дека на сивата економија се гледа како на појава со која се ублажуваат ударите на сиромаштијата, бидејќи со неплаќањето даноци граѓаните заштедуваат дел од сумата со што си обезбедуваат за опстанок.
– На еден начин сивата економија како да е дозволена од државата, институциите не ги санкционираат сите, навидум државата не прави притисоци, за да не создава тензии, како да дозволува луѓето да работат без да плаќаат даноци. Но сето ова резултира со драстично ширење на сивата економија, со штета врз државата, уништување на услугите што таа ги обезбедува за граѓаните, кои потоа незадоволни од тоа што треба таа да го обезбеди се реваншираат со непочитување на прописите или неплаќање даноците – посочува Ацевски.