Претставниците на компанијата „Твитер“ одлучија да преговараат со извршниот директор на „Тесла“ откако Илон Маск ги соопшти деталите за неговата понуда за преземање на компанијата. Понудата изнесува четириесет и три милијарди долари.
Водечките луѓе на „Твитер“ вчера започнаа преговори со Маск, откако на акционерите им објаснија одредени детали од понудата.
Одлуката на компанијата да контактира со Маск не значи дека ќе ја прифати неговата понуда од 54,2 долари по акција, велат изворите. Но, тоа сепак значи дека „Твитер“ истражува дали продажбата е можна поради атрактивните услови за акционерите.
Најбогатиот човек на светот купи речиси 73,5 милиони акции на компанијата „Твитер“, кои на берзата пораснаа за 26 отсто, речиси веднаш откако тој објави, токму на Твитер, дека „сериозно размислува“ за лансирање на нова социјална мрежа.
Маск во изминатите неколку дена имаше средби со акционерите на Твитер, барајќи поддршка за неговата понуда. Тој порача дека „Твитер“ треба да биде приватен за да се развива и да стане вистинска платформа за слобода на говорот.
Акционерите ги принудија претставниците на компанијата на разговори откако Маск во четвртокот го претстави деталниот план за финансирање на неговата понуда, обидувајќи се да „не дозволи можноста за договор да исчезне“.
Инсистирањето на Маск дека веќе ја дал „најдобрата и последна“ понуда беше пречка во преговорите, велат изворите, но одборот одлучил да преговара со него, за потенцијално да добие подобри услови.
„Твитер“ сакаше да дознае повеќе за сите активни истраги на регулаторите против Маск, вклучително и Американската комисија за хартии од вредност (СЕЦ), што би претставувало ризик за договорот, велат лица запознати со случајот.
Твитер, исто така, испитува дали регулаторите имаат забелешки за водење бизнис на некој од пазарите каде што работат компаниите на Маск. Доколку се утврди дека продажбата на Маск би била ризична, компанијата би можела да бара значителна компензација за раскинувањето на договорот за преземање.
Компанијата, инаку, првично беше против предлогот Маск да го зголеми својот удел во „Твитер“ на повеќе од девет отсто, без преговори со главниот одбор.