Разлики во цените на прехранбените продукти меѓу градовите во Македонија
Цените на дел од вообичаените и редовни продукти за исхрана во маркетите и на зелените пазари во различни градови од Македонија вообичаено се разликуваат со благи ценовни дискрепанци. Но има и такви што значително отскокнуваат од просечната цена. Граѓаните отсекогаш биле заинтригирани како може на толку мал простор да има толку големи разлики. Но некои од нив дури се организираат на шопинг-посети во соседните градови, кога таму има „пазар“ или кога знаат кој производ за широка потрошувачка им треба, па со вкалкулиран превоз дотаму, доколку се исплати, одат во викендите до шопинг- дестинацијата.
Македонија е мала земја и брзо се стигнува од еден во друг град. Според нашето истражување, поради разлики во цените на продуктите за широка потрошувачка, а особено за исхрана, некои граѓани дури и купуваат стока во поголеми количества и ја препродаваат на „поскапите пазари“ низ земјава. Еден од поголемите и повпечатливи примери во нашата земја е цената на гравот, традиционално јадење, кое, секако, им е омилено и на странците што доаѓаат во Македонија. Просто е неверојатно како некогаш производителите на најпознатото и највкусно гравче во земјава, имено тетовчани, станаа потрошувачи на најскапиот грав?! Натаму, регистрирани се примери на уште поголема ценовна дискрепанца кај месото. На пример, забележана е разлика во цените на местото (двојно), па жителите на нашиот главен град плаќаат двојно поскапо месо од жителите, на пример, на Штип.
Што регистрира Државниот завод за статистика (ДЗС) по ова прашање?
Податоците на Државниот завод за статистика откриваат дека во Тетово килограм грав се продава за дури 500 денари за килограм. Додека во цела земја просекот е 230 денари за килограм, тетовчани јадат многу поскап грав. Овој продукт најевтино може да се купи во Струмица, за 153 денари, додека во главниот град се продава по цена од 183 денари за килограм.
Од друга страна, јаболката, кои исто така се редовни на нашите трпези, во просек чинат 68 денари за килограм, но охриѓани ги плаќаат најскапо или 97 денари за килограм, а зад нив се тетовчани со 85 денари за килограм јаболка.
Државниот завод за статистика го објави најновиот месечен билтен во кој се опфатени и цените на основните прехранбени производи по градови во Македонија.
На еднодневна туристичка прошетка, но и по намирници во соседниот град
Податоците откриваат дека изминатиов период повторно има забрзан раст на цените на продуктите. А деталниот преглед покажува дека поскапувањето не е насекаде еднакво.
Зачудува податокот дека гравот во еден град чини толку повеќе, што дури жителите би можеле да појдат до првиот соседен град и да го купат по пониска цена, па дури и превозот да го вклучат во трошоците за набавка.
Дополнително е интересно тоа што иако сме мала земја, разликите во цените на истите производи во различни градови се големи. Она што е уште поинтересно и чудно е фактот дека кај исти производи се случува да има разлика во цената од еден до друг град дури за сто денари по килограм. Но, ова не е појава што ја има само сега, туку, напротив, споредбите покажуваат дека постојано се случуваат големи разлики во цените на продуктите во малопродажба.
Граѓаните се заинтригирани во врска со ваквите разлики, особено што нема голем пат од еден до друг град во земјава и зошто некаде цените се значително пониски.
– Иако веројатно се должи на различните набавки и различното потекло на дел од продуктите, сепак големите разлики не се објаснуваат на некој опиплив, рационален начин. Се има впечаток дека трговците сѐ уште ставаат маржа „од ѓутуре“, без да се грижат за казни или за граѓаните што немаат толку висок социјален статус. Веројатно и нема посебни одредби што би дефинирале колкава маржа смеат да пресметуваат трговците, па затоа ставаат кој колку сака и имаме толку големи разлики. Треба уште поголема трговска дисциплина– вели еден жител на главниот град.
Сепак, ова не ја објаснува цената од 500 денари за килограм грав во Тетово, кога истиот тој се продава од 150-160 до 183 денари за килограм.
Големи разлики има и кај овчото сирење, кое се продава најевтино во Велес, и тоа по цена од 479 денари за килограм, па до 620 денари за килограм во Струмица.
Скопјани плаќаат за месо највисока цена во споредба со другите градови
Податоците на ДЗС откриваат дека големи разлики има и кај цените на месото, каде што исто така во зависност од градот и од доставувачите, цените се разликуваат за 300 денари по килограм и повеќе. Па така, јунешко месо во Штип чини само 319 денари, додека истото тоа во Скопје се продавало (во мај) по цена од 767 денари за килограм.
Големи разлики има и кај телешкото месо, кое, повторно, најевтино е во Штип и чини 379 денари за килограм и, повторно, најскапо е во главниот град, каде што се продава по цена од 977 денари за килограм.
Што се однесува пак до свинското месо, иако и тука има отстапки, сепак, нема толку големи разлики. Цените на свинското месо од еден до друг град се разликуваат за стотина денари по килограм и се движат од 308 денари за килограм свинско месо во Штип до 412 денари за килограм месо во Струмица.
Цената на маслото за јадење, еден од речиси најупотребуваните производи, се движи од 86 денари за литар во Струмица до 96 денари за литар во Битола. Е.Р.
Кинеската платформа-доставувач веќе присутна на европскиот пазар за храна
Храна до секој дом преку „Тему“
Кинеската платформа „Тему“ веќе одамна е присутна во светскиот и европскиот синџир на доставувачи за индивидуални клиенти. Таа сега подготвено влегува и на пазарот на храна, поточно европскиот. Имајќи го одамна предвид претстојниот тренд на недостиг од храна, кинескиот гигант веќе им пристапува на трговски оператори за храна, но и на индивидуални потрошувачи на храна во Германија, Швајцарија, Австрија… Така, компаниите или населението од овие држави сега се во можност преку оваа платформа да купуваат свежо месо, пијалаци, кондиторски производи итн. Продажбата на свежа храна претставува посебен предизвик, особено во делот на синџирот на снабдување. „Тему“ ги одредува продажните цени на производите, што би можело да значи пониски цени за доставувачите.
Во Германија мрежата на „Тему“ за продажба на храна е во тренд на развој
Како што информираат медиумите од Германија, пред неколку месеци платформата „Тему“ основаше германска дивизија за да им пристапи на доставувачите на храна. Платформата, која досега се фокусираше на (со цена исклучително пристапни) непрехранбени производи од Кина, сега има силна амбиција да стане и доставувач на храна со производи од Европа за Европа. Специјализираното списание за трговија „Лебенсмител цајтунг“ објави дека „Тему“ динамично им пристапува на помалите производители на кондиторски производи. За таа цел, како што пишува германското специјализирано списание, компанијата „Тему“ ангажираше вработени да им пристапуваат на трговците на мало – понекогаш користејќи поспецифични комерцијални методи. Така, неодамна е забележан и тим на теренот што конкретно им пристапува на клиентите. Според пишувањата на западните медиуми, и „Тему“ ги потврдува плановите – вели дека сака да „го прошири локалниот асортиман и да ја подобри услугата за европските клиенти“. Имено, германски производител на месни производи „Вурстбарон“ продава на платформата „Тему“ веќе неколку месеци и вели дека е задоволен од резултатите.
Наскоро „Тему“ на пазарот на храна во Швајцарија
За издвојување е дека „Тему“ исто така планира да влезе на пазарот за храна во Швајцарија. Портпаролот на компанијата потврди дека се во тек подготовки за отворање на пазарот, иако сè уште не е одреден конкретен датум на лансирање. Како што пишува весникот „Тагес-анцајгер“, „експерти од индустријата, како што е Дагмар Џени од Швајцарската федерација на малопродажба, веруваат дека е голема веројатноста ’Тему’ многу скоро да нуди храна и во Швајцарија“. Е.Р.