Фото: Пиксабеј

Дополнителното разгорување на конфликтите на Блискиот Исток го загрижува светот

Нема простор за поскапување на другите продукти, експертите смируваат, поскапувањата сѐ уште не се драстични. Клучната дилема пред која се исправени светските економии е дали конфликтот брзо ќе се смири или, пак, ќе ескалира. Од развојот на настаните ќе зависи дали цените на нафтата ќе останат стабилни или, пак, ќе се вивнат до небо

Црното злато повторно позлатува, но овој пат поради нови воени конфликти, кои ја вивнаа цената на берзите. Нападот што го изврши Израел врз Иран беше причина за бурни реакции на светските берзи. Од една страна акциите губеа на вредност, но од друга страна нафтата, попозната како црно злато, значително поскапе.
Според првичните информации што се појавија на берзите, цената на фјучерсите за сурова нафта од типот брент за испорака во август 2025 година на лондонската берза ИЦЕ утрово надмина 78 долари за барел, за првпат од 28 јануари, според податоците за тргување.

Цената на суровата нафта од типот брент се зголеми за 11,6 проценти на 78,5 долари за барел, пренесува ТАСС.

До 5.55 часот по московско време, фјучерсите на брент забавија и се тргуваа по 77,36 долари за барел, што е зголемување од 9,98 отсто, додека фјучерсите на дабл ју-ти-ај за испорака во јули 2025 година се зголемија за 13,5 проценти на 76,76 долари за барел.

Претходно, израелските власти извршија напади врз Иран, вклучително и врз нуклеарни постројки во различни делови од земјата.

Со оглед на значењето на нафтата во индустријата, трендот на поскапување не може да не помине без „удар“. Секако, прашањето е до кога ќе трае конфликтот и што сѐ ќе се промени.

Домашните експерти од областа се согласни дека војната меѓу Израел и Иран ќе има влијанија и врз цената на нафтата во Македонија.

Бислимовски: Ако продолжи трендот на високи цени, тогаш нафтата ќе поскапи и кај нас

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), Марко Бислимовски, смета дека цените на црното злато ќе се зголемат и кај нас, но сепак не очекува влијание на цените на другите продукти.
– Апсолутно ќе има влијанија, да видиме како ќе се одрази во следните денови. За следната недела не верувам дека ќе има некое драстично влијание кога ќе ја носиме одлуката. Но понатаму доколку продолжи ваквиот тренд на високи цени на нафтените деривати, апсолутно дека ќе има влијание и на цената што ќе ја плаќаат корисниците во Македонија – објаснува Бислимовски.

Според него, по достигнувањето на врвот, цените ќе се стабилизираат, посочувајќи го примерот со војната во Украина кога цената на дизелот во еден момент достигна 110 долари по барел.
– Се надеваме дека ова ќе биде само еден пик и понатаму ќе се стабилизираат цените, како што беше тоа случај кога почна војната во Украина, имаше пик, па се стабилизира и во последните неколку месеци тие се движеа меѓу 65 и 68 долари за барел. Сега имаме првпат ситуација утрово цената да е 78 долари за барел, но да се надеваме дека тоа ќе биде само еден пик – рече Бислимовски.

Тој потсети на поскапувањата на повеќето продукти со зголемувањето на цената на нафтата при почетокот на војната во Украина и оти со намалувањето на нафтените деривати цените на другите производи не беа вратени назад.
– Кога зборуваме за цените на нафтените деривати, кога дизелот беше 110 долари, беше причина за голем број поскапувања. Денеска цената на дизелот е 66-67 денари, а цените на производите што тогаш се покачија не се вратија назад. Не верувам дека тоа ќе има драматично влијание врз другите продукти што се користат во Македонија – заклучи претседателот на РКЕ.

Берзите потонаа, доларот ја зајакна вредноста

Веднаш по нападот врз Иран, азиските берзи забележаа голем пад на цените на акциите, но нафтата поскапе за 10 отсто. Азиско-пацифичкиот индекс МСЦИ падна за 0,8 проценти, а цените на акциите во Австралија, Шангај, Хонгконг, Јапонија и во Јужна Кореја паднаа помеѓу 0,4 и 1,4 проценти.

Европските берзи исто така ќе бидат под притисок, при што паневропскиот индекс на фјучерси ес-ти-оу-екс-екс 50 моментално падна за повеќе од 1,5 процент.
Ескалацијата на непријателствата на Блискиот Исток додаде неизвесност на финансиските пазари во време кога економиите се под зголемен притисок од агресивните и каприциозни тарифни политики на американскиот претседател Доналд Трамп.
– Геополитичките тензии додадоа неизвесност на веќе кревкото расположение – рече Чару Чанана, стратег во банката Саксо.

Цените на акциите нагло пораснаа во последните недели, а индексот МСЦИ на сите глобални берзи достигна нови рекордни максимуми оваа недела, што многу аналитичари го сметаат за нереално со оглед на конфликтот на Вашингтон со неговите трговски партнери.

Затоа, тие веруваат дека има простор за корекција на цените на акциите надолу.
– Се чини дека ова е прекинувачот што веројатно ќе предизвика пад на цените на акциите – рече Џесика Амир, стратег во „МуМу“.

И на валутните пазари, вредноста на доларот во однос на кошничка валути се зголеми, како и девизните курсеви на другите валути што се сметаат за побезбедни засолништа за капиталот во неизвесни времиња. Е.Р.