Фото: Архива/Игор Бансколиев

Според најновите податоци од Државниот завод за статистика, просечната плата во државата пораснала и изнесува приближно 500 евра. Но колку висината на просечната плата е реален одраз на квалитетот на животот и животниот стандард на граѓаните? Зошто одредени државни сектори земаат месечна плата и над 5.000 евра, а спротивно на тоа, огромен е бројот на граѓани што се со најниски месечни примања? Кој, всушност, го крева просекот во државата?

ДАЛИ ВИСИНАТА НА ПРОСЕЧНИТЕ МЕСЕЧНИ ПРИХОДИ Е РЕАЛЕН ОДРАЗ НА ЖИВОТНИОТ СТАНДАРД

Последната објава на Државниот завод за статистика вели дека просечната плата во Македонија се зголемила во првиот месец од годинава и дека достигнала вредност од 29.980 денари. Но оваа информација прокружи во јавноста со доза неверување. Граѓаните прашуваат како расте просечната плата кога нашите плати остануваат исти со години и нема придвижување во нагорна линија. Економистите со свои видувања објаснуваат како просекот расте и потенцираат дека за реално да се прикажат состојбите во домашната економија, потребно е да се пресметува средна плата.
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека со објавување на податокот дека просечната плата се зголемила и се доближила до 30 илјади денари не се кажува доволно за животниот стандард на граѓаните и потенцира оти е важно да се знае колкави се платите во приватниот, а колкави во јавниот сектор.
– Јасно им е на сите како се пресметува просечната плата. Ако се знае дека се намалува бројот на работници со ниски примања, бидејќи во кризата настрадаа токму дејности со ниски плати и имаме намалување на работници со мали плати, тогаш очекувано е да расте просечната плата. Владата не може само да се фали дека просечната плата пораснала, бидејќи тоа не е одраз на состојбите на терен. Исто така, треба да се знае дека платите во една фирма не зависат само од добивката во фирмата туку и од пазарот на трудот, односно од тоа дали на пазарот има вишок или недостиг од работници. Ако недостигаат одредени струки, тогаш работодавците мора да ги зголемат платите, во спротивно не ги зголемуваат. Дополнително, проблематично е што растат и платите во јавниот сектор, што треба да се прави ако имаме раст на општествата продуктивност, наместо да се зголемуваат пред избори како што се прави кај нас. Основа за раст на платите во јавниот сектор е подобрување на општествената продуктивност, но тоа не се случува. Растот на платата на јавниот сектор придонесува за раст на просечната плата, покрај намалувањето на бројот на работници во нископлатените дејности – укажува Хајредини.
Поранешниот министер посочува дека дополнителен проблем со растот на платите во јавниот сектор е и фактот што има работници во институциите што земаат плата, но не одат на работа.
– Сметам дека нема основа Владата да се фали со порастот на просечната плата, бидејќи таа не го одразува животниот стандард на поголем дел од граѓаните. Покрај тоа што растат платите во јавниот сектор, има и посебни ситуации кога се забележуваат големи отстапки кај платите на јавни функции. Има одредени позиции што добиваат изразито повисоки плати од поголем дел од платите во земјава, благодарение на кои се зголемува просечната плата. На овој начин се подобрува животниот стандард на одредена група, не на сите граѓани, напротив имаме раст на сиромашните граѓани – потенцира Хајредини.

Средна наместо просечна плата

Професорот Здравко Савевски укажува оти просечната плата не кажува доволно за состојбите во земјава и е недоволен показател за животниот стандард на граѓаните.
– Во земја како Македонија, потребно е да се пресметува средна плата, која ќе даде подобра слика за состојбата на граѓаните. Средната плата се пресметува на тој начин што се утврдува точка на која 50 проценти од вработените земаат плата под таа точка, а другите 50 проценти од работниците земаат над истата плата. Таа ќе биде пониска од просечната плата, но е поточно мерило за животниот стандард на граѓаните. Кај нас околу 70 отсто од вработените земаат пониска плата од просечната, додека над неа земаат само 30 проценти од вработените граѓани. Луѓето се збунети од просечната плата, иако таа расте, на најголем дел од граѓаните платите не им растат. Но ова се случува и поради фактот што при поголема заработка кај компаниите им се зголемуваат платите на раководителите или платите на менаџерите, со што се зголемува и просечната плата. Но тоа не значи дека на сите им оди подобро. Напротив, кај нас расте разликата меѓу граѓаните, се зголемува богатството на група граѓани, кои се побогати, а другите граѓани делат помал дел од вкупното богатство во земјава. Затоа апелирам ДЗС да пресметува средна плата, која повеќе покажува каков е стандардот на граѓаните – потенцира Савески.
Професорот исто така објаснува дека во јавниот сектор најчесто преовладуваат просечни плати и дека платите на докторите, на наставниците и други значајни сектори се дури и ниски, но отстапуваат одредени раководни позиции.
– Општ впечаток е дека администрацијата зема високи плати, но платите во јавниот сектор се на средина. Во приватниот сектор има и највисоки и најниски плати. Како на пример, кај програмерите се највисоките плати. Кон растот на просечната плата притискаат високите плати на менаџерските позиции, кои отскокнуваат значително од повеќето плати во земјава – дополнува Савески.

Кон растот на просечната плата придонесува растот на вработените

Претставниците на здружението за истражување и анализи ЗМАИ посочуваат дека постојат повеќе фактори што може да го објаснат зголемувањето на просечната плата во Македонија.
– Еден од клучните фактори што придонесуваат за раст на просечната плата, секако, е покачувањето на минималната плата, која до пред последното ад хок зголемување во континуитет се приспособуваше со растот на трошоците за живот. Дополнително, од јавно достапните податоци на Државниот завод за статистика јасно се гледа дека бројот на вработени лица во државата (во 2021 во однос на 2020 година) исто така расте, што укажува на тоа дека растот на платата не е предизвикан од зголемен број на невработени лица. Од друга страна, сведоци сме дека нископродуктивните и трудоинтензивните компании што не можат да го следат растот на минималната плата ги затвораат своите погони, што значи дека се намалува и бројот на вработени што земаат минимална плата – објаснуваат од ЗМАИ.
Од здружението укажуваат дека единствен податок за движењето на просечната плата во економијата се податоците што ДЗС ги објавува секој месец и појаснуваат оти просечната плата во себе ги содржи сите плати и најниските, но и највисоките примања.
– За да можеме да потврдиме дали навистина зголемувањето на платите се јавува кај сите доходовни групи и да ја провериме точноста на перцепцијата на граѓаните за која зборувате, потребно е да го видиме распоредот на платите по соодветните доходовни групи и нивното движење низ годините. За жал, институциите во нашата земја не ги објавуваат овие податоци. Според јавно достапните податоци од Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за финансии, можеме да забележиме дека просечната нето-плата во јавниот сектор (исклучувајќи ги вработените во полицијата, армијата, агенциите за национална безбедност и разузнавање) изнесува близу 23.000 денари. Односно, таа е помала за дваесетина проценти од последно измерената просечна плата за 2021 година. Дополнително, доколку знаеме дека вработените во раководните служби во јавните институции се единствените што земаат нето-плати над просечната плата во државата, а нивниот број е значително помал од вработените во нераководните структури, тогаш може да кажеме дека платите на раководните служби немаат големо влијание на растот на платите во целокупната економија. Сепак, потребно е да се нагласи дека зголемувањето на платите во одредени сектори (јавна администрација, образование, детска заштита, здравство и култура) во изминатите години имаше влијание на зголемувањето на просечната плата. Важно е да се напомене дека ова зголемување се однесуваше на сите вработени во тие дејности, не само на раководните служби. Истовремено, порастот на минималната плата влијаеше и на платите во јавниот сектор. Односно, најниско платените државни и јавни службеници исто така добија повисоки плати заради зголемувањето на минималната плата – појаснуваат од здружението ЗМАИ.


Месечни плати од повеќе илјади евра

Додека поголемиот дел граѓани се борат со своите месечни примања и со обидите да сврзат крај со крај во месецот, се говори дека во државата има позиции на јавни функции чии плати се драстично повисоки од просечните и нивните месечни примања достигнуваат сума од неколку илјади евра. Граѓаните коментираат дека отскокнувањата во приватниот сектор на некој начин се очекувани, но плати од илјадници евра на позиции што се плаќаат преку државниот буџет, додека најголем дел од оние што го полнат буџетот се далеку пониски е контрадикторно.
Потврда дека во Македонија има граѓани на кои, народски кажано, им тече мед и млеко или приматели на екстра-високи месечни плати се и извештаите на Управата за јавни приходи во согласност со Годишната даночна пријава, каде што се објавуваат највисоките месечни примања и највисоките приливи од акцизи и други финансиски инструменти. За 2020 година, во согласност со податоците на УЈП беше објавено дека највисоката годишна бруто-плата им е исплатена на граѓанин во Струга – 105,2 милиони денари. Директорката на УЈП за платите во 2020 година посочи дека 11 граѓани оствариле приход над 100 милиони денари, а 557 даночни обврзници од 10 до 100 милиони денари. Скопјанка е на врвот на листата со највисок годишен бруто-доход од 453,1 милион денари, кој е двојно поголем од највисокиот бруто-доход од претходната година.