Разговор со проф. д-р Биљана Консулоска Гвероска од Институтот за тутун во Прилеп

 

Болестите кај растенијата се сериозна закана за глобалната безбедност на храната, бидејќи уништуваат приближно 10-16 отсто од вкупниот принос на културите годишно. Деструктивниот потенцијал на болестите на растенијата е значително зголемен со современите земјоделски практики. Габите предизвикуваат повеќе од една третина од вкупните загуби кај економски важните култури. Речиси секое растение е домаќин на неколку габи и секој патоген може да нападне еден или повеќе видови растенија домаќини. Поради тоа, овие растителни патогени предизвикуваат големи економски загуби. Болеста пламеница најмногу влијае врз квалитетот на тутунот, односно тутунската суровина, а доколку се појави со силен интензитет, може да го уништи целото тутунско растение.
Проф. д-р Биљана Консулоска Гвероска од Институтот за тутун во Прилеп, неодамна го објави своето најново дело, учебното помагало за втор и трет циклус на студии „Пламеница на тутунот“ (Peronospora tabacina D.B. Adam), во издание на Универзитетот „Климент Охридски“ од Битола, Научен институт за тутун во Прилеп. Во него детално се опишани причинителите на оваа многу распространета болест кај тутунот, но и кај многу други земјоделски и градинарски култури, која нанесува сериозни економски штети, особено во тутунопроизводството.

Фото: Приватна архива

ВРЕМЕНСКИТЕ УСЛОВИ ПОВОЛНИ ЗА ПЛАМЕНИЦАТА

Моменталните временски услови со зголемена влажност од честите врнежи од дожд и дневната топлина многу годат за развој на пламеницата.
– За појава на болест кај растенијата се потребни три елементи: патоген, домаќин и контакт помеѓу патогенот и растението домаќин при поволни надворешни услови. Оттука, климатските услови имаат огромна улога за развој на предизвикувачите, а со тоа и за појава на болеста. Топлата и влажна клима е поволна за повеќето габни патогени – нивниот развој, создавање на нивните репродуктивни структури и остварување на инфекциите. Токму таквите услови претставуваат опасност за појава на болеста пламеница кај разни земјоделски култури. Затоа, овој податок е основата за навремена заштита и одбегнување на последиците од нивната појава – укажува проф. д-р Консулоска Гвероска.
Пламеницата на тутунот е предизвикана од патогената габа Peronospora tabacina D.B. Adam. Иако долго време се сметаше дека веќе е апсолвиран проблем, таа сè уште претставува голема опасност за тутунопроизводството. Може да се појави во сите фази од тутунопроизводството – на расадот (од самото поникнување) и на расадениот тутун. Скоро да нема година во која не се појавува, во периоди кога не се ни очекува, па дури и во сушни услови, на некои локалитети со изразити предиспонирачки фактори за нејзината појава. Може да се појави и во одделни места на насадот доколку постојат такви услови.
– За развој на болеста се поволни топли денови и свежи ноќи. Бидејќи како најповолна температура за остварување на инфекцијата се смета дека е среднодневната температура од околу 20-22 степени, особено критични за појава на болеста се периоди по поројни врнежи. Уште позначајно, дождови од неколку дена кога времето е свежо и нема нагло затоплување со високи температури. И токму благото затоплување по дождовите е критичен момент за појава на пламеницата – објаснува професорката.
Според неа, она што особено е значајно за развојот на болест не е релативната влага, туку задржувањето на водените капки на листовите. Бидејќи водата е предуслов за ʼртење на спорите, водените капки би овозможиле нивно ʼртење, односно инфекција.
– Инфекцијата на тутунското растение се остварува со летните спори – спорангии, кои се пренесуваат со дождот и ветерот. Нивното движење започнува од Медитеранот нагоре, што значи дека појавата на болеста во соседните земји, особено во нивните приморски краеви, е знак за опасност и кај нас – појаснува Консулоска Гвероска.

Фото: Приватна архива

ВАЖНО Е НАВРЕМЕНО ПРЕПОЗНАВАЊЕ НА СИМПТОМИТЕ

Во однос на симптомите на пламеницата, кај сите култури постојат одредени специфични појави на листовите и другите растителни делови што ги напаѓа патогенот.
Но во однос на симптомите на тутунот, иако се чинат препознатливи, професорката истакнува дека се случуваат одредени пропусти, кои најчесто се однесуваат пред сè на ненавременото забележување на нејзината појава, но и во точното утврдување на симптомите. Исто така, доколку се забележат во фаза кога интензитетот на болеста е поголем или, најстрашно, при појава на сина мувла (како што е и англискиот назив – Blue mold).
Деталниот опис на симптомите е опширно, стручно, но достапно објаснет токму во учебникот на проф. д-р Биљана Консулоска Гвероска, „Пламеница на тутунот“.
Авторката преку приказ на симптомите се обидува да укаже на сите моменти од развојот на болеста при промена на климатските фактори, но и производните процеси.
Од навременото и точно детектирање на симптомите, според професорката, произлегуваат и сите мерки за заштита на тутунската култура од болеста пламеница.
– Тие се во склад со одржливото земјоделско производство, кое предвидува систем на мерки со загриженост за управување со безбедноста за здравјето на луѓето, животните и за животната средина; превентивните мерки за заштита од пламеницата се добар начин за спречување не само на нејзината појава туку и сеопфатен пристап во заштитата на културата и од други болести; за успешна заштита на тутунската култура од пламеницата, следењето на метеоролошките услови овозможува не само превентива туку и успешна заштита советува професорката.

Фото: Приватна архива

СОВРЕМЕНИ МЕТОДИ ЗА ЗАШТИТА ОД ПЛАМЕНИЦАТА

Најавата за влажни периоди со умерена температура треба да ни претставува знак за предупредување. Тоа истовремено помага за избор на адекватен временски период на третман на насадот, но и избор на соодветен начин на заштита.
Примена на интегрирана заштита – која значи примена на производите за заштита на растенија кога е апсолутно неопходно или само економски оправдано;
– Интегрираниот метод предлага и вклучува начини за намалување на негативните ефекти, како: избор на компетентни производи за заштита, употреба на активни материи со пониска класа на токсичност, примена на такви со помал период на полураспаѓање, употреба на оптимални дози препарати (активни материи), навремена употреба (не пред економскиот праг на штетност или пред точна и правилна оцена на потребниот период на апликација), утврдување на неопходноста на примена на хемискиот метод и, секако, сѐ поголема примена на биолошки мерки – објаснува Консулоска Гвероска.
Изданието, освен за студентите на втор и трет циклус академски студии, претставува и едукативен материјал за стручните лица во тутунските компании што се грижат за унапредување на производството на тутун, за субјектите вклучени во контрола на здравјето на растенијата и фитосанитарниот систем, но е наменето и за сите чинители на производството.
– Најголемо е задоволството што ќе ги доближи сознанијата до тутунопроизводителите, кои се првата и најважната алка во забележување на симптомите, но и најзасегнатите од нејзината појава и ќе придонесе за практична примена на мерките за заштита. Тоа е и целта на науката, да ги пренесе сознанијата во праксата – подвлекува авторката.
Според евиденцијата на Земјоделско-пазарниот информативен систем (ЗПИС), за вкупно извршен откуп на суров тутун во лист од 2024 година, откупени се над 24 милиони тони тутун, со вкупна вредност од 9.723.557.640,74 денари, со просечна откупна цена од 399,87 денари. Во 2024 во Македонија се евидентирани 16.830 тутунопроизводители што одгледувале тутун на површина од приближно 13.000 хектари. Во текот на месецов, па до средината на јуни се садат површините со тутун за годинашната реколта.

Филип Димкоски