Собранието вечерва во рамки на 63. седница со 79 гласа „за“ и ниту еден „против“ и „воздржани“ ги усвои измените на Законот за пензинско и инвладиско осигурување, со што ќе се овозможи линеарно покачување на пензиите за 2000 денари.
Како што се посочува во законот, сите видови пензии, кои се исплаќаат во земјава, на 1 септември 2025 година и на 1 март 2026 година се усогласуваат на начин што вкупниот месечен износ добиен од процентот за зголемување на пензиите пресметан како збир од 50 отсто на порастот на индексот на трошоците на живот и 50 отсто на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во претходното полугодие во однос на полугодието што му претходи, објавени од Државниот завод за статистика, се дели со вкупниот број корисници на пензија кои правото на пензија го оствариле заклучно со 31 август 2025 година, односно 28 февруари 2026 година. Пензиите ќе се зголемат за 2000 денари.
Со измените на Законот за пензиско и инвалидското осигурување се предвидува местото за поднесување на барањето за остварување на право на пензиско и инвалидско осигурување да биде местото на живеење на осигуреникот и се обезбедува соодветно усогласување на пензиите.
Дополнително во законското решение е предвидено одлуката по управниот спор да се донесе во рок од 30 дена, што ќе значи ефикасна и ефективна постапка во остварувањето на овие права.