Фото: Пиксабеј

Пченицата годинава е со добар квалитет и приносите се задоволителни, вели Националната федерација на фармери (НФФ). Воедно апелира до надлежните институции, особено до Земјоделскиот инспекторат, активно да се вклучат во надзорот на откупот и да обезбедат фер и транспарентна постапка за сите земјоделци.

Според НФФ, покрај постигнатите 12 денари за откуп годинава, потребно е да продолжат активностите за зголемување на приносите, за намалување на производните трошоци, за воспоставување долгорочни и фер односи меѓу земјоделците, мелничарите и откупувачите преку договорното производство, за активирање интервентен откуп во кризни ситуации, воведување нови технологии и економско здружување на фармерите во задруги и организации на производители.

-Преку својот потсекторски систем, континуирано ја следиме состојбата со пченицата, како во делот на производството, така и во делот на продажбата. Оваа стратешка култура секогаш се соочува со предизвици при откупот и високата производна цена. Оваа година, со посредство на МЗШВ, постигнат е договор со откупувачите цената за прва и втора класа да изнесува 12 денари по килограм, со тоа што на оваа цена ќе бидат додадени и трошоците за транспорт и ДДВ, кои ќе ги покријат мелничарите, односно пченицата која се транспортира од региони без млинови ќе има покриени дополнителни транспортни трошоци. Сметаме дека ова е излезно решение за годинава – наведува НФФ.

Федерацијата потсетува дека пченицата е стратешки производ за државата, дефиниран согласно Законот за земјоделство и рурален развој. Останува најзастапена култура меѓу житните, со засеани 69 689 хектари или 44,5 отсто од вкупната површина под житни култури (156 469 хектари).