Во државите на Балканот деновиве се бележи рекордно висока цена на електричната енергија

Големопродажната цена на електричната енергија на пазарот во Македонија во вторникот достигна цена од 691,11 евра за мегават-час, што во тоа време беше најскапо во Европа, покажуваат податоците на веб-страницата „Енерџифлукс“. Во тој период (вторник во 20 часот), пазарната цена на струјата во Бугарија и во Грција чинеше 650 евра, во Србија 693,16, во Унгарија 774,48 евра, а во Романија 801,62 евра, според објавата на „Енерџифлукс“. За споредба, во Швајцарија во тој момент струјата чинела 53 евра, во Германија 61, а во Австрија 70 евра. Следниот ден, пак, во истото време во 20 часот, цената за Македонија изнесувала 640,29 евра.

Пазарот се лади навечер

Забележливо е дека пазарот почнува да се лади околу 22 часот, па така, цените паѓаат и во текот на ноќта се движат околу 100 евра за мегават. Она што досега беше речиси незамисливо, е цената на струјата среде бел ден, при температура од 40 Целзиусови степени, да е пониска од оваа. На пример, во средата напладне мегават во Македонија чинеше 98 евра, во Србија 93 евра, во Хрватска 86, а во Бугарија 73 евра.
Треба да се напомене дека овие цени не се оние што ги плаќаат граѓаните, туку тие важат за увозниците на струја, пред сѐ, за компаниите за електрична енергија.
Ваквата слика на пазарот на електрична енергија во регионот летово се повторува речиси секојдневно, само што цените од вторникот што се движеа од 700 до 800 евра беа навистина екстремни, на ниво на оние од есента 2022 година, среде енергетската криза во Европа.

Цените забележани во вторникот беа навистина екстремни – Фото: „Нова Македонија“

Поголемата побарувачка на струја се должи на високите температури

Енергетскиот експерт Жељко Марковиќ во изјава за српски „Данас“ објаснува дека во вечерните часови со намалување на производството на електрична енергија од соларни капацитети се бара енергија од базните капацитети, како што се термоцентралите.
– Од 19 до 21 часот е врвот во потрошувачката и затоа скока цената. Балканот е најмногу погоден од овие високи температури, поради што има најголема побарувачка на струја, а цената се одредува онаму каде што се вкрстуваат понудата и побарувачката – објаснува Марковиќ.

На пример, во Франција и во Германија температурите се пријатни и нема потреба од толку многу енергија за ладење, поради што цените се значително пониски.

Што би влијаело да се намали цената на струјата?

Се поставува прашањето зошто струјата е значително поевтина во текот на денот, иако потрошувачката е рекордно висока. Според експертите, што се однесува до цената на струјата, на производството на евтина енергија најмногу влијаат нуклеарните капацитети на државите, чие производство на електрична енергија е и најевтино. Понатаму, следува, според цената, производството на струја од соларна енергија во Европа. Во одредени периоди, производството е толку големо што се бележат дури и негативни цени, односно производителите им плаќаат на клиентите да преземат струја. Во текот на ноќта струјата е поскапа отколку во текот на денот и во одреден момент може да се очекува промена на тарифата за крајните потрошувачи.

Но за нас во Македонија, енергетските експерти велат дека домашното базично производство на енергија сѐ уште е многу битно и истото тоа треба да се негува уште две децении, сѐ додека зелената транзиција не достигне одредена кулминација и да биде носечки ресурс за обезбедување домашна евтина електрична енергија. Токму на оваа тема, деновиве ќе се консултираме со повеќе експерти, професори и енергетичари за да добиеме одговори на многу прашања што се наметнуваат деновиве во врска со исклучително високите кулминации на цената на струјата на слободниот пазар. Е.Р.